– Ексклузивното право на користење на резултатите од ОМНИБУС истражувањето на БРИМА, секција Политички Барометар, спроведено од 27 август – 9 септември 2021, е купено од страна на „Слободен Печат“ и не е платено од страна на Владата со пари од тендер од 120 000 евра на кој БРИМА воопшто нема конкурирано, реагираат од приватната агенција за испитување на јавното мислење БРИМА на тврдењето на опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски дека нивното спроведено истражување, објавено на „Слободен печат“, било платено со владини пари на јавен тендер, пренесува Слободен печат.
Имено, Мицкоски за време на своето вчерашно гостување на телевизија Канал 5, меѓу другото, изјави дека „БРИМА анкета е платена со владини пари на тендер” и резултатите од истражувањето на БРИМА не се релевантни и дека очекува победа на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните Локални избори.
Предходно реагираа и од страна на Владата. Оттаму велат дека тврдењето на Мицкоски е целосно неточно и побараа извинување од негова страна.
– На вечерашното гостување на телевизијата Канал 5, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ изнесе целосно неточна информација дека анкетата на Брима, објавена денеска од страна на медиум, била платена од владини пари на јавен тендер. Не постои јавна набавка за анкетата односно истражување на јавното мислење на Брима, ниту пак истата е платена со пари на граѓаните. Ваквите лаги се неодговорно однесување кон јавниот интерес и имаат за цел да и наштетат на Владата доведувајќи ги граѓаните во заблуда и поткопувајќи ја довербата во институцијата. Бараме од Христијан Мицкоски да се извини на граѓаните и на Владата за ваквата груба лага, стои во реакцијата на Владата.