Цивика мобилитас по четврти пат организира „Ден на граѓанските организации“ што ќе се одржи во сабота, на 25 септември 2021 година, од 10 до 15 часот во Градскиот парк кај „Школка“, во Скопје.
„Официјалното отворање на настанот ќе биде во 12 часот кога на присутните ќе им се обрати нејзината екселенција Сибил Сутер Тејада, Амбасадорка на Швајцарија во Македонија.
Главната тема за годинашниот фестивал е „30 години граѓански ангажман“. Со ова, Фестивалот на Цивика мобилитас се приклучи кон одбележувањето и прославата на 30 години независност на Македонија.
Програмата на Школка ќе започне во 10.45 со Форум театарот на организацијата Рубикон, а потоа Полио плус – движење против хендикеп и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) ќе потпишат меморандум за соработка. Децата од организацијата „Свет на различни а еднакви“ ќе ја изведат претставата „Кум Теодос“. По обраќањето на Амбасадорката, ќе биде промовиран и потпишан Кодексот за граѓански организации.
Паралелни активности – Интерактивно катче: Интерактивна работилница, ЦИВИЛ- Центар за слобода, промоција на публикација, Хаемус, информативна работилница, РАЖМ – Лулуди, панел дискусија, ЕПТИСА Регионална канцеларија
Ова е само дел настаните кои ќе се случуваат утре.Повеќе од 90 организации на своите штандови ќе ја презентираат својата работа, а посетителите ќе имаат можност да се информираат за нивните залагања и постигнувања, како и активно да се вклучат во активностите предвидени за тој ден.
Разновидноста на организациите и нивните активности ветуваат интересен ден за сите. Не пропуштајте го“, велат од Цивика мобилитас.












