Независната кандидатка за Град Скопје, подржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска се пожали дека денеска и беше забрането да влезе во просториите на Територијалната противпожарна единица – Автокоманда каде требаше да има средба со Синдикатот на пожарникарите на Скопје.
„Иако имавме однапред договорено средба на влезот на зградата ни беше кажано дека со усна наредба е забранет влез за мене и мојот тим во просториите. Јавно прашувам како може некој да биде над законот и да забранува влез на претходно договорен состанок? Ова е класично злоупотребување на функцијата на командирот што е поставен од Петре Шилегов? Од што се плаши Шилегов, јавно нека каже?“, прашува Арсовска.
Град Скопје реагира на намерата одредени кандидати да ја злоупотребуваат противпожарната бригада за изборни цели.
„На партиските кампањи никогаш не им било местото во просториите на Хероите на Градот и тоа не смее да се промени за овие локални избори. Просториите на ПП бригадата во Автокоманда се стратешки безбедносен објект за Градот Скопје и мора да биде функционален и во припремна состојба во секое време. Според тоа, тоа не е место за никакви партиски собири или состаноци со кандидати со некои пожарникари. Апелираме Пожарникарите да бидат изоставени од партиските препукувања и да бидат оставени на мира да си ги извршуваат секојдневните обврски. Синдикалните организации имаат право да се среќаваат со кого сакаат, се додека за тоа не ги користат просториите на противпожарната бригада на Град Скопје“, стои во реакцијата.












