ПЕТРИТ САРАЧИНИ
ВМРО-ДПМНЕ ја доби првата рунда од локалните избори со резултат што малкумина го очекуваа. Без оглед кој како го толкува исходот, ова е неоспорен факт. Но исто така, факт е дека тој не е последица на некоја нова понуда, политики или пристап, туку на незадоволството на граѓаните од власта и СДСМ, поттикнато од реални грешки, но и од други фактори.
На што се должи успехот на ВМРО-ДПМНЕ?
За Мицкоски овој резултат дефинитивно е сламката за спас на политичката кариера, разнишана од серијата изборни порази, поделби во партијата, но и недистанцирањето од ретроградните и авторитарни политики на претходникот Груевски, кои во земјата продуцираа долгогодишна политичка а и економска криза, чија кулминација но и пад беше нападот на Собранието на 27 април 2017. Тие политики, сега, на некој начин, се рехабилитираат.
Изборните резултати, и она што им претходеше во перманентната кампања и политичка битка што се водеше месеци наназад во јавноста, медиумите и на социјалните мрежи, упатуваат и на неколку неоспорни факти и заклучоци.
Прво, впечатокот дека успехот на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг, за жал, не се должи на промена на политиките, на нови луѓе и нова понуда, туку пред сè на незадоволството на дел од гласачите од власта, се базира со согледување на доминантните пораки и понуденото од оваа партија пред јавноста. Освен коалицијата со Алијанса и Алтернатива што ја прави поумерена споредено со национализмот и етноцентризмот што го негува(ше) со децении, ништо во ВМРО-ДПМНЕ не е ново.
Пристапот во комуникацијата кон граѓаните и јавноста останува пропагандистички и еднонасочен. И овој пат, покрај постојаното напаѓање на противникот, се слушнаа многу неостварливи ветувања па и дезинформации, и упорно дебатирање на големите „национални теми“ наместо на темите адекватни за овие избори.
Но, трикот успеа повторно. Дури и ваква каква што е, ВМРО-ДПМНЕ, со луѓе од тимот на Груевски, без јасен концепт и понуда, со стратегија базирана само на напад на противникот, успеа да ги убеди гласачите дека е „помалото зло“ во македонската политичка и општествена жабокречина, за чија состојба е можеби најмногу виновна – токму ВМРО-ДПМНЕ.
Зошто потфрли фаворитот СДСМ?
За Заев и СДСМ, овој резултат е сериозен аларм. Партијата се фалеше дека е фаворит на изборите, што е сосем спротивно од тоа што го покажува првиот круг. ОД СДСМ излегоа со нивно толкување на резултатот, ѝ порачаа на опозицијата дека премногу брза со триумфализмот бидејќи има и вториот круг, но кажаа и дека пораката од одлуката на граѓаните е примена. Во владејачката партија сега се бара итно одговор на прашањето: Што е она што толку ги разочарува граѓаните, за да заборават на сè она што го поминаа со режимот на Груевски и довербата да му ја дадат повторно на ВМРО-ДПМНЕ?
Дали граѓаните ги заборавија застојот во евроатлантските интеграции и многу области, криминализацијата, клиентелизацијата, деградацијата на вредностите, партизацијата на институциите, проблемите со животната средина, сите ДП-ови и ГУП-ови, слушнатото во „бомбите“…? На што се лути? На политиките што вака-така, ја извлекоа државата од таа криза и ја внесоа во НАТО, или пак му веруваат на наративот за „продажба на името и идентитетот“?
Дали се цени растот на минималната, просечната плата, платите во многу сектори, помошта за економијата, или пак тоа недоволно го чувствуваат граѓаните кои мислат дека може подобро, со поконкретни бенефити за нив? Дали се лути на неуспехот во справување со наследството на Груевски, заборавија ли дека зад решетки се Мијалков но и Рашковски, дека се работи подобро, поеднакво за сите и потранспарентно од порано, или пак победува наративот дека СДСМ е полош дури и од Груевски, за на избори да победат – пулените на Груевски?
Многу дилеми ги мачат во овие моменти врвот на СДСМ, а за добар дел од нив нема лесни одговори ниту пак рационални објаснувања. Тоа е политиката, особено на овие простори, не е рационална, и често зависи од емоциите што таа ги предизвикува кај гласачите.
Факт е дека власта во овие 4 години владеење на централно и на локално ниво имаше прилика да сработи. И, се направија многу работи. Но исто така е факт дека некои работи беа направени лошо, дека се направени и многу грешки и пропусти, кои беа причина многу граѓани да се чувствуваат разочарани поради неостварените ветувања и очекувања.
Освен разочараните кои останаа дома а претходно гласаа за СДСМ за промена на режимот, дел до оние што ги поддржуваа коалициите на СДСМ излегоа со сопствени коалиции, иницијативи и кандидатури. Тука не треба да ги заборавиме и оние, а не се малку, кои не ги интересираат јавниот интерес, општото добро и „големата слика“, туку личните очекувања од власта кои не им се остварени, па сега мислат дека ќе ги добијат на некој друг начин.
Де факто, СДСМ влезе во овие првиот круг на изборите со намален потенцијал кај прогресивните гласачи и неутралното и нестабилното гласачко тело, но и со намален коалициски капацитет. Договорот кој носи можна поддршка за вториот круг од коалициските партнери што одеа сами во првиот круг не е од тој обем што може многу да ја поправи сликата на неуспехот од 17 октомври.
Битка на повеќе фронтови што не може да се добие, тивкото мнозинство остана дома, победата ја донесоа протестните гласови
Неспорно е дека ВМРО-ДПМНЕ на изборите не само што ги искористи сите овие незадоволства од грешките на власта, туку ги засили и хиперболизираше неколкукратно, јавајќи жестоко на бранот на црната пропаганда, која ја ширеа и дел од функционерите и кандидатите, но и пропагандната машинерија на порталите и на социјалните мрежи, која никогаш не престана да функционира по падот на нејзиниот креатор Груевски. Се оцрнуваше политичкиот противник, се ширеа дезинформации, манипулации, навредлива реторика и говор на омраза кои создадоа несигурен и поларизиран изборен амбиент.
Освен ова, власта беше под притисок и од многу професионални медиуми, голем дел од кои се, за разлика од некои други времиња, критични кон власта и оние што во моментов ја носат одговорноста за функционирањето на земјата.
Ваков амбиент беше исклучително неповолен за владејачката партија, која мораше и да ги објаснува сопствените пропусти, да ги демантира и објаснува дезинформациите од црната пропаганда, да ги води и спроведува актуелните политики, а истовремено да се обиде да ги претстави проектите и политиките што ги нуди пред граѓаните на овие избори. Се испостави дека оваа борба на повеќе фронтови е претежок товар за владејачката СДСМ, нешто што, во ваков амбиент и со капацитетите на располагање, едноставно, беше невозможно да заврши со успех.
Кон создадениот поларизиран амбиент придонесе и слабото функционирање на институциите и долгогодишната култура на неказнивост кон овие феномени кои се во суштина штетни за демократијата. Тоа е уште една грешка што оди на сметка на власта. Со тоа, таа самата на себе не си овозможи малку подобри и пофер услови за влегување во оваа битка.
Ова незадоволство се манифестираше во помала излезност на дел од граѓаните, кои се прогресивни и политички левоориентирани, или пак во поголема мотивација за гласање кај десноориентираните и радикалите. Излезноста, која за првпат во историјата на локалните избори е под 50%, го покажува тоа. Тивкото мнозинство, овој пат, навистина остана тивко.
ДУИ сè уште во водство кај Албанците, незадоволството и опозицијата засега амортизирани
Во албанскиот блок, наспроти тоа, со години се случува сосем спротивното. За разлика од големите македонски партии кои се менуваа на власт, ДУИ, која е на власт две децении речиси без прекин, го задржа приматот во албанскиот блок и го амортизираше налетот на опозициската коалиција Алијанса и Алтернатива засилена со коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ успева и понатаму да ги амортизира сите критики за сегашните состојби, но и за одговорноста што несомнено ја носи како учесник во владите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во последниве 20 години. Преку силна и добро осмислена ПР кампања, го „продаде“ во јавноста зеленото ребрендирање, а во позадина на тоа ечеше пораката на успешното затворање на „националните прашања“ на Албанците и Рамковниот договор од страна на ДУИ.
Коалицијата АА-ААА, со сегашниот начин на дејствување, и покрај многуте теми на кои можеше да капитализира на критиката кон владејачката ДУИ, и покрај импулсот од новата коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, едноставно беше победена од посилната и помодерна медиумска и пропагандна машинерија, но и институционалната инфраструктура која е база на мобилизација на гласачката моќ на ДУИ.
Алијансата и Алтернатива, иако во налет, не успеаја да го мобилизираат останатиот дел од незадоволното граѓанство, кое, во средините каде што живеат Албанците, како што покажуваат бројките на излезноста која е во постојан пад, реши да го изрази незадоволството седејќи дома.
Левица без понуда, со најголем ќар и раст кај помалите
Како 5-тта политичка сила во земјата успеа да исплива политичката партија Левица, повторно со радикална кампања во која доминираше партискиот лидер Димитар Апасиев. Исто како и кај ВМРО-ДПМНЕ, но во понагласена форма, најгласните пораки на оваа партија во јавноста во овој период не беа кокретни локални проекти, туку пред сè напади кон владејачката партија како и кон сите други неистомисленици со навредлива и ултра-националистичка реторика, во која доминираа произнесувања за „националните теми“ и за актуелните случувања.
Оваа стратегија, како на поголемиот брат во десницата, ѝ донесе успех и на Левица. Популизмот кој Левица го радикализира дополнително, можеби ќе носи успеси и понатаму, сè додека партијата е во комотна позиција на опозиција, која може да повикува дури и на насилство а тоа да остане неказнето од институциите, а да помине дури и без некоја позначајна осуда во јавноста.
Но, сепак, таа реторика, и покрај растот на гласачи и повеќе советнички места (околу триесетина вкупно од 80 општини), засега не носи ниту градочаланичко место ниту натпревар во вториот круг, туку само 5-то место, зад големата четворка СДСМ-ВМРО-АА-ДУИ. Но, во дел од општините, гласовите на советниците на Левица ќе бидат значајни во мнозинствата кои ќе сака да ги формира ВМРО-ДПМНЕ. Од првичните изјави на лидерот на Левица, Апасиев, се гледа расположение за ваква соработка, но и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има многу тешка работа во тие преговори, а Левица ќе се обиде од нив да извлече максимална корист.
Релативно добро, но сепак скромно, меѓу помалите партии со поголема поддршка се издвои и коалицијата ЛДП-ДОМ. Гласовите што ги освоија иако не се споредуваат со поголемите партии ниту пак се причина за особена радост кај оваа коалиција, секако се за респект и важни, особено во деновиве што доаѓаат, кои ќе покажат како оваа коалиција ќе се позиционира со големиот коалициски партнер на централно ниво во однос на вториот круг на локалните избори. Од тоа позиционирање може да зависат многу работи, не само во изборните резултати.
Во слична таква позиција се и независните кандидати и градоначалници. Неколкумина од нив влегоа во вториот круг, некои од независните листи добија доволно гласови за советнички места, што е успех, но сепак не доволен за да се загрозат големите партии и нивната доминација.
Што добија граѓаните и каква иднина ги очекува?
Доколку трендот остане каков што е и за второто полувреме на овој натпревар за локалната власт во земјава, што е многу веројатно да се случи, во земјата неминовно ќе се продолжи и продлабочи политичката криза, која трае веќе предолго, со години.
На меѓународен план, по успесите со Преспанскиот договор, добивме закочување на европската агенда и вето од Бугарија. На домашен план, очигледно, не е ништо поразлично.
Разочарувањата од актуелните состојби, грешките на власта но и други околности доведоа до овој резултат. Оценувајќи ги успесите и неуспесите на актуелната власт, граѓаните одлучија да изречат казна за тоа што е досега направено. Наспроти тоа, оние што ја добија или зголемија довербата, од она што го кажуваат во јавноста, оставаат впечаток дека, освен критика, немаат јасна понуда ни визија за тоа што треба да се направи, ниту на меѓународен, ниту на домашен план, за да нѝ тргне на подобро.
А пред да ни тргне на подобро, очигледно, уште малку ќе ни оди на полошо. Засега, тоа е одлуката на граѓаните и тивкото мнозинство, кои со молк или протестен глас, праведно или неправедно, ја казнија власта. Таа, пак, треба да мисли и да смисли начин како да се справи со оваа ситуација и да го поправи впечатокот. Уште веднаш, колку може, на вториот круг, иако за тоа можеби е доцна. Иако никогаш не е доцна да се работи уште подобро и попосветено, толеранцијата за грешки е сè помала – тоа е она што може да се каже дека е суштината на она што го кажаа гласачите.
Но, од друга страна, неодминлив е впечатокот дека ВМРО-ДПМНЕ, а и други радикални политички структури имаат статус на привилегирани миленичиња на јавноста. Тој впечаток не е само поради неказнивата реторика на омраза и молкот пред вербалното насилство во општеството и институциите.
Последен еклатантен пример за тоа е уште еден фактор кој влијаеше, но не пресудно, на излезноста на изборите. Апаратите за отпечатоци на прсти беа услов за учество на ВМРО-ДПМНЕ на изборите. Ова решение продуцираше многу проблеми и нервози во текот на целиот изборен ден, дел од гласачите се вратија од гласање во револт, а освен оневозможување на правото на глас на тие граѓани, овој хир ја чинеше целата држава и буџетот 11 милиони евра.
Но, го немаше со реакции оној дел од „критичката јавност“, кој обично посочува на непродуктивни трошења на народни пари и пресметува колку градинки, училишта, болници би се изградиле со 11 милиони евра. Замислете што ќе се случеше, да беше и за тоа виновна СДСМ.
А можеби е и виновна, штом, по којзнае кој пат, ја прифати уцената на ВМРО-ДПМНЕ и дозволи да се случи – тоа што се случи.