Градот Скопје и Старо Нагоричане се единствените општини кои во следните четири години ќе ги раководат градоначалнички.
Данела Арсовска и Жаклина Јовановска се единствените жени-градоначалнички. Дури 40 пати повеќе мажи од жени ќе седат во градоначалничките фотелји, по распредебата на градоначалничките мандати по вчерашниот втор круг на локалните избори. Процентуално, жени ќе раководат со 2,5% од вкупно 81 македонски општини, што е втора најлоша родова распределба на градоначалничките мандати , по онаа на локалните избори во 2009 година, кога не беше избрана ниту една жена градоначалничка. Во 2013 година беа избрани 4 жени градоначалнички, додека најмногу градоначалнички , „дури“ 6 имаше на минатите локални избор во 2017.
Ваков низок процент на жени градоначалнички беше очекуван, со оглед дека постои длабок родов дисбаланс констатиран во статистиките на Државната изборна комисија, каде бројот на кандидатки за градоначалнички на локални избори беше уште помал од минатите. Од 301 кандидат за градоначалничко место, само 25 се жени.












