Арјанит Хоџа , кој е министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата од редовите на БЕСА, на својот „Фејсбук“ профил најави дека неговата партија може да го растури мнозинството во Владата.
– Желино, во кое се роди една партија (како движењето БЕСА), може да биде и Желино кое растура една Влада, објави тој на социјалната мрежа.

Ова доаѓа откако Државната изборна комисија (ДИК), на вчерашната 38 седница, прифати еден од двата приговори на ДУИ за Желино, каде кандидатот на Беса, Блерим Сејди, со освоени 5.171 гласа, победи пред неговиот противкандидат од ДУИ, Фатмир Изаири, кој освои 5.102 гласа. Разликата е само 69 гласа, а сега може да дојде до прегласување на ИМ 2107, каде од запишани 741 гласачи, во вториот круг излегле да гласаат 340.
ДИК побара од ОИК од Желино да ги достави посебни обрасци на избирачките списоци со решенија за запишување на посебно избирачко право, за да се утврди дали имало неправилности.