Во насока на навремено и транспарентно информирање на јавноста, Царинската управа проследува информација поврзана со автобуската несреќа што се случи на 23.11.2021 година во соседна Република Бугарија, во која изгоре автобус на превозникот Беса Транс – Скопје.
Од рано утрово Секторот за професионална одговорност на Царинска управа е на ГП Деве Баир, со цел детално да се изврши контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез на предметниот автобус. Предмет на контрола е и постапувањето за конкретниот превозник и возило и во претходниот период на истиот граничен премин. За наодите од контролата јавноста ќе биде навремено информирана, информираат од Царина.
Министерството за транспорт вчера почна постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот „Беса Транс“ по сообраќајката на нивниот автобус во Бугарија во кој загинаа 46 патници бидејќи од досега добиените сознанија превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за конкретното возило, информираше вечерва на прес-конференција ресорниот министер Благој Бочварски.