Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, ја започна својата прва официјална посета на Брисел со средба во седиштето на НАТО со генералниот секретар, Јенс Столтенберг, јави дописничката на МИА од Брисел.
Шефот на Алијанса истакна дека одлуката на Ковачевски да го посети НАТО веднаш по неговото доаѓање на премиерска функција е доказ за личната посветеност на премиерот кон Алијансата.
– Северна Македонија му се приклучи на НАТО пред речиси две години, вие се покажавте како високо вреднуван партнер, стабилноста на Западниот Балкан е од голема важност за НАТО и ги поздравуваме вашите напори за промовирање на безбедноста, стабилноста и напредокот во регионот, ова го вклучува и вашето учество во мировната мисија во Косово, изјави Столтенберг по средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Премиерот од своја страна нагласи дека членството во НАТО за Северна Македонија е исполнување на стратешка цел на државата.
– Да се биде дел од НАТО значи безбедност, просперитет и сигурност на мојата земја и на македонскиот народ. Политиката на отворена врата и овозможи на Северна Македонија да ја постигне својата огромна цел и безбедносен успех за нас и за НАТО со тоа што стана 30-та земја-члленка, рече Ковачевски.
Тој додаде дека ова достигнување е доказ за нашиот слободен и сигурен избор како и гаранција за нашата национална и регионална стабилност и безбедност на Западен Балкан, нагласувајќи дека Северна Македонија е горда што е „меѓу најбрзите сојузници кои ја завршиле воената интеграција во НАТО, особено затоа што остануваме посветени на учеството во операциите и мисиите на НАТО“
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски разговарале за ситуацијата на руско-украинската граница. Алијансата е подготвена да испрати дополнителни трупи на југоистокот на Европа.
Тензиите помеѓу Русија и Украина била една од главните теми помеѓу премиерот Ковачевски и неговиот домаќин во НАТО, генералниот секретар Столтенберг.
НАТО смета дека растечкото руско воено присуство на границата со Украина постигна 100 илјади трупи, а забележано е и „значајно движење на руските воени сили во Белорусија“.
– Ова е најголемото руско распоредување од Студената војна, изјави Столтенберг на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Ковачевски.
Во овој контекст, генералниот секретар порача дека Северноатлантската алијанса „продолжува да бара деескалација“ од Русија и предупреди дека секоја „дополнителна руска агресија ќе има сериозни последици и тешка цена“.
Истовремено, Столтенберг порача дека НАТО сака да биде ангажиран во дијалог со Русија, откако Алијансата испрати серија предлози за смирување на тензиите до руските власти.
– Но, НАТО нема да прави компромис за своите темелни принципи: правото на секоја нација да го одбере својот пат и способноста на НАТО да ги заштити и одбрани своите сојузници, предупреди генералниот секретар.
Вчера САД испрати воено засилување во источна Европа – Германија, Полска и Романија, во знак на подготвеност да се одговори на руска акција во Украина.
Столтенберг ја поздрави одлуката на САД и ја нарече „силен сигнал на посветеноста на САД“.
– Исто така разгледуваме распоредување на дополнителни борбени групи на НАТО на југоисточниот дел од Алијансата“, изјави шефот на Северноатлантската алијанса.
Ковачевски од своја страна даде поддршка за работата на Алијансата во однос на Русија и Украина, истакнувајќи дека токму политиката на отворени врати на НАТО и овозможи на Северна Македонија да стане земја членка.
– Го поддржуваме предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија во врска со состојбата на односите на европската безбедност со фокус на Украина и транспарентноста, намалување на рузикот и контрола на оружјето. Целосно го поддржуваме суверенитетот на Украина и нејзиниот територијален интегритет во меѓународно признаените граници, изјави Ковачевски.
За премиерот на Северна Македонија, „НАТО е колективна одбранбена Алијанса што ги зближува Европа и Северна Америка во оваа криза“.
– Како сојузници ние сме силни, одлучни и обединети во нашата реакција. Северна Македонија останува целосно посветена на основачкиот договор од Вашингтон како и на фундаменталните вредности и принципи на Алијансата, додаде премиерот.












