Нелегалното оружје и муниција претставуваат закана за безбедноста и сигурноста на граѓанките и граѓаните на било која земја. Како такво, нелегалното ширење на оружјето е закана за мирот, просперитетот и стабилноста на државите, беше истакнато на настанот на ЦИВИЛ во рамките на серијата настани „Во фокусот на ЦИВИЛ“, на тема „Нелегалното оружје и организираниот криминал“. Модератори на настанот беа Џабир Дерала и Дехран Муратов од ЦИВИЛ.
Според Парламентарниот форум за МЛО, „неконтролираното МЛО е крупен дестабилизирачки фактор кој ги овозможува тероризмот и организираниот криминал“. Општо прифатен е фактот дека нелегалното оружје игра важна улога во организираниот криминал.
„Сѐ е поврзано. Нелегалната трговија со огнено оружје како гранка на подземните бизниси е секогаш „некаде таму“. Огненото оружје е таму за да ги „заштити производите“ на криминалните дејствија – луѓе, органи, дрога и сѐ што подразбира криминална активност. Оружјето е тука за да ги заштити сите фази на подземното производство или обработка, транзитот и испораката“, вели Дерала.
Во процесот на интеграција на Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан во Европска Унија најчесто како пречка се наведува политичката нестабилност и фрагилноста на демократските институции. Но, подеднакво голема пречка за интеграциските процеси претставува и нелегалната трговија со дроги, оружје и луѓе, што е континуирана закана за безбедноста, не само на земјите од Западен Балкан, туку и за Европска Унија.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
-Меѓу другото, Цивил во 2012 ја донесе Меѓународната спогодба за трговија со легалното оружје, ратификувана е истата година во парламентот, и сме на трето место во светот како организација која успеала да обезбеди пропорционално највисок број на парламентарци кои ја поддржале таа спогодба. Целата операција не чинеше 250 денари и бевме пионери , меѓу првите во европа, но не сум сигурен колку институциите ажурно ја спроведуваат, кажа Дерала на Утрински Брифинг.
ФЛЕШ ВЕСТИ
АПЕЛ По повод обвинувањата изнесени во јавноста од страна на политичката партија ВМРО ДПМНЕ за неработење и непостапување на Државната комисија за спречување на корупцијата, Државната комисија испрати соопштение со кое ги демантира овие обвинувања.
МЕДИУМИ Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) со финансиска поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје спроведуваат кампања за промоција на етичките и професионалните стандарди во медиумите. Проектот „Промовирање на заштита на новинарите и на етички и професионални стандарди во медиумите“ има за цел да придонесе кон зголемување на безбедноста на новинарите онлајн и офлајн, да се намали бројот на заканите и нападите кон новинарите и медиумските работници во земјава.
ОДЛУКА Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за отпочнување процес за реализација на меѓународна инвестиција, која е првиот чекор кон реализирање на стратешките цели за енергетска независност, сигурност и безбедност и фокус на алтернативни извори на гас. Владата, преку АД Електрани на Северна Македонија отпочна процес на за резервација на капацитети за природен течен гас во ЛНГ Терминалот Александропулос, Република Грција што ќе овозможи зголемување на сигурноста во снабдување со природен гас за граѓаните.
КОНФЛИКТ По завршувањето на воените вежби и денеска продолжи руското повлекување на силите што беа стационирани во близина на украинската граница, соопшти руското Министерство за одбрана, што Киев и западните престолнини сметаат дека е тешко да се прими за сериозно, јави ДПА.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Горан Михајловски – новинар, уредник, главен уредник, сопственик на медиуми, автор на култната децениска „Сакам да кажам“.
Тој зборува за новинарството вчера и денес, интернетот како конкуренција или предност, редакциите и уредниците, медиумите и одговорноста, политиката и општеството.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Вистински да сакаа да војуваат САД и Русија најлесно ќе им беше тоа да го сторат во Беринговиот теснец каде растојанието меѓу нив е само четири километри. Затоа е полесно да се испроба оружјето на туѓа територија или онаму каде што народот најлесно би паднал на искушение за војување.
Во конкретниот случај САД се со десетпати поголем воен буџет од Русија. Но опсегот на одредени боеви ракети од Русија лесно би стигнал до одредени цели во САД. НАТО и Русија во низа воени ресурси се доближуваат со бројките иако голем дел од опремата на НАТО е далеку посовремена, но бројот на активен и резервен воен состав во Русија е поголем. Исто така системот на команда и одлучување во Русија е полесен за разлика од начинот на одлучување помеѓу членките во НАТО сојузот. Сепак за секое воено постапување постојат и низа економски санкции од кои подебелиот крај го извлекува секогаш народот, а губитничката воена и политичка команда може да заврши како воен злосторник. Но во случај Украина наспроти Русија е борба на Давид против Голијат“, пишува Стевче Дечев во колумната „Дијалог наспроти војна, дајте му шанса на мирот зашто може да се лизне на кора од банана!“.
Д. М.












