Украинскиот Совет за безбедност денеска ги одобри плановите за прогласување вонредна состојба на територијата на Украина, како одговор на зголемената закана од руска инвазија. Мерките ќе важат за сите делови на Украина, освен за нејзините два источни сепаратистички источни региони Доњецк и Луганск, поддржани од Русија.
– Мерката, која мора формално да биде одобрена од Парламентот, бара засилени проверки на документи и возила, меѓу другите мерки, изјави секретарот на Советот, Олексеј Данилов.
Данилов истакна дека ќе достави извештај до украинскиот Парламент во текот на денот, а се очекува и пратениците да ги одобрат безбедносни мерки оваа недела.
Вонредната состојба се очекува да биде воведена во рок од 30 дена. Според надлежните, вонредната состојба може да се продолжи и до 60 дена доколку е потребно.
Украинскиот парламент денеска го усвои предлог-законот со кој на Украинците им се дозволува да носат огнено оружје и да реагираат во самоодбрана.
„Усвојувањето на овој закон е целосно во интерес на државата и општеството“, изјавија авторите на нацрт-законот, пренесува „Ројтерс“.
Од таму тврдат дека донесувањето на овој закон е неопходно поради, како што велат, заканите и опасностите со кои се соочуваат граѓаните на Украина.
Во Украина од денеска, со указ на претседателот Вoлодомир Зеленски, започна регрутација на припадници на резервните одбранбени сили на возраст меѓу 18 и 60 години, откако Москва ги призна сепаратистичките „Народни републики“ Донецк и Луганск во источна Украина и одобри испраќање војници во овие региони.












