„Реални закани нема. Нашите надлежни институции преземаат мерки за следење и известување во однос на евентуални ризици, но според сите досегашни информации од релевантите служби, засега нема реална опасност за стабилноста и безбедноста“, вели министерката за одбрана, Славјанка Петровска во изјава за Дојче Веле одговарајќи на прашањето дали постои ризик она што се случува во Украина да се прелее и во регионот на Западен Балкан.
„Но, ваквиот тип на конфликти покажуваат колку е важно земјите од Западен Балкан да бидат вклучени во интегративните процеси, особено во европската интеграција, со што ќе се елиминираат можностите за влијание од трети земји“, вели Петровска.
Во разговорот за Дојче Веле, министерката за одбрана додава дека капацитетите на домашната и партнерскитe армии наскоро ќе бидат презентирани на најголемата воена вежба што досега се одржала во земјава, со 4.000 учесници, од кои 350 македонски војници. Вежбата ќе трае од 12-ти до 16-ти мај на полигонот Криволак, но подготовките почнуваат уште во текот на месецов.
извор: Дојче Веле












