„Кога немате аргументи и сакате да ја манипулирате јавноста, тогаш кажувате сè и сешто без оглед дали тоа го мислите, свесно или несвесно! Недозволиво и жално“, истакна пратеникот од СДСМ, Зеќир Рамчиловиќ отакако пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, упати навреди кон него нарекувајќи го „религиозен екстремист“ на седицата на Комисијата за европски прашања.
„Вие и мала група околу вас можете да се крстите како екстремисти, како да ви кажам, религиозни екстремисти и да продолжите да и верувате на оваа Влада“, рече пратеникот Лефков.
Пратеникот Рамчиловиќ за ЦИВИЛ Медиа вели дека на таквите навреди не сака да возврати со навреди бидејќи сака да си го задржи интегритетот и поради позицијата која што ја претставува и обврската пред граѓаните што ја има. Тој додава дека таквите непромислени изјави може да предизвикаат долгорочни последици во општеството.
„Не сакам ниту да помислам дека таквите изјави се за добивање дневно политички поени кај одредена група на граѓани. Сите ние, особено пратениците треба многу да внимаваме што зборуваме, бидејќи луѓето нè гледаат. Факт е дека довербата на граѓаните во Собранието е мала, бидејќи ние самите се девалвираме, а правиме голема штета, свесно или несвесно. Ние сме јавни личности, функционери чија работа можеби е најтранспарентна и мораме да внимаваме на начинот како ја испраќаме пораката и како комуницираме“, нагласи Рамчиловиќ.
Рамчиловиќ додаде дека на некој начин пратеникот Лефков му се извинил, но вели дека е страшно што таков вокабулар се користи во Собрание и се надева дека во иднина нема да има такви испади од пратениците.
Дехран Муратов
камера и монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Горан Наумовски












