Од пристапувањето на Северна Македонија во НАТО пред две години, Обединетото Кралство тесно соработуваше со Армијата на Република Северна Македонија во поддршка на реализацијата на целите на способности поставени од НАТО, изјави амбасадорката на ОК, Рејчел Галовеј за одбележување на 4 април, Денот на НАТО.
Нашата работа подразбираше редовно распоредување на краткорочни тимови за обука за советување во однос на тактиката на пешадијата и развој на лидерството, рече Галовеј. Нашиот советник за трансформација е интегриран во Министерството за одбрана и е ангажиран за советување во однос на процесите и интероперабилноста на НАТО.
Во последната година, формиравме ќелија за координација на обуката во Скопје за да ја усогласиме и оптимизираме нашата поддршка на обуката.
Обезбедивме донации и најсовремени системи за преноќување и во наредните месеци ќе испорачаме нови електронски мети и привремена зграда за урбана и хибридна обука на полигонот Криволак, изјави амбасадорката.
Таа ја истакна тесната соработка со Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија и НАТО сојузниците на подготовките за вежбата Брз одговор 22 [Swift Response 22], која вклучува повеќе од 4.000 членови од седум НАТО сојузници, вклучувајќи ги Северна Македонија, Обединетото Кралство, САД, Италија, Франција, Црна Гора и Албанија, а е една од најголемите воени вежби што ќе се реализираат оваа пролет на полигонот Криволак.












