Премиерот Ковачевски му посака топло добредојде на претседателот на Латвија Левитс и на средбата истакна дека неговата посета на Северна Македонија е чекор повеќе за натамошно унапредување на нашите билатерални врски меѓу двете земји.
На средбата, на која присуствуваа и заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и министерката за одбрана Славјанка Петровска, беше нагласено дека од воспоставувањето на дипломатските односи пред 26 години, двете земји негуваат исклучително пријателски и блиски односи со силен фокус на динамизирање на политичкиот дијалог и на трговската размена.
Претседателот на Владата Ковачевски во разговорот со претседателот Левитс потенцираше дека Северна Македонија високо го цени ставот на Латвија дека е од витално значење да се продолжи со процесот на евроинтеграција на Северна Македонија со одржување на Меѓувладина конференција што е можно поскоро и дека прашањата со Бугарија треба да се решат по пат на дијалог и разбирање, надвор од пристапниот процес.
Претседателот на Република Латвија Егилс Левитс на средбата истакна дека членството на Западен Балкан во ЕУ е прашање на гео-политичка одржливост за самата ЕУ во време и во околностите предизвикани со руската инвазија на Украина.