Соборот на Српската православна црква денеска одобри канонско единство со МПЦ-ОА, со што, како што објавуваат српските медиуми, „решен е спорот што датира од 1967 година кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ“.
На вториот ден од седницата на Соборот, СПЦ објави соопштение во кое наведува дека го „поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година“, јави дописникот на МИА од Белград.
„Примајќи го актот на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со кој го прифаќа општопризнатиот канонски статус што му беше доделен во 1959 година од Светиот архиерејски синод на Српската православна црква и изразувајќи надеж дека Српската православна црква ќе го решава и реши канонскиот статус, по што треба да следи сеправославна согласност и прифаќање на тој статус, Светиот архиерејски синод одлучи: со благодарност кон Господа и со радост, Соборот го поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година“, се наведува во соопштението на СПЦ.
СПЦ уште нагласува и дека во дијалогот за идниот и евентуално конечен канонски статус на МПЦ-ОА, Српската православна црква „ќе се води само и исклучиво од еклисиолошко-канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитички“, „геополитички“, „црковнополитички“ и други слични работи или за еднострани иницијативи и не потпаѓајќи под ничие влијание или притисок“.
Македонската православна црква – Охридска Архиепископија не добила покана и не планира одржување заедничка света архиерејска литургија меѓу великодостојниците на нашата и на Српската православна црква на крајот на годишниот Собор на СПЦ, што започна вчера во Сремски Карловци, а чиј работен дел во наредниве седум дена продолжува во Белград.
Извори на МИА во МПЦ-ОА, посочуваат дека во претходниот период било разговарано за таква можност, но дека сега, по одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква, работите се променети и дека не се планира одржување на заедничка богослужба со српските црковни великодостојници.