Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“, денес официјално ја поднесе Интерпелацијата за работата на Претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Оваа интерпелација е резултат на хаосот кој то се случува во Собранието, а е под директива на Џафери и како резултат на се почестото кршење на Деловникот, како и самоволието кое што го спроведува Џафери во законодавниот дом, со што сериозно го загрозува угледот на оваа институција, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Во досегашната работа, односно неработа на Талат Џафери, како претседател на Собранието, како никогаш досега не се случувале скандали и понижувања на пратениците само заради тоа што очигледно Џафери дефинитивно не сака или не знае капацитетно да води една демократска институција.
Ги повикуваме сите пратеници од овој парламентарен состав да се приклучат кон оваа интерпелација и заедно сите да ставиме крај на овој човек кој што си ја има присвоено оваа функција и се однесува како да има право да вреѓа, да пцуе, да омаловажува и да заклучува пратеници.
Апелираме до пратениците од СДСМ и мнозинството дека сега е моментот, кога треба да се стават настрана партиските договори и да застанат во одбрана на, пред се човековите права, а потоа и во одбрана на Собранието на Република Македонија. Во спротивно, доколку не ја поддржат оваа интерпелација ќе покажат дека, не само што го оправдуваат ваквото однесување на Џафери туку и дека се дел од него.
Му порачуваме на Талат Џафери да ја стави оваа интерпелација на пленарна седница, а не како предходната да ја крие во фиока и доколку смета дека работи одговорно да даде аргументи пред целата јавност, а доколку повторно избега и не ја стави на седница ќе даде до знаење нема ни грам одговорност кон функцијата што ја извршува, рече Мицевски.
Интерпелацијата доаѓа по обвинувањето од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека Џафери на 25 мај ги заклучил пратениците во салата со Купола каде требаше да се одржи 71. седница и со тоа го постапил спротивно од Деловникот.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието реагираа на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ потенцирајќи дека „сосема јасно е дека претседателот на Собранието во ниту еден момент не го прекрши Деловникот во текот на вчерашното продолжение на 71.седница, туку дека тоа, како и илјадници пати досега, го направи опозицијата, со своето недолично однесување, со цел да создаде хаос во законодавниот дом, служејќи се со слични методи како и на 27 април 2017 година.
Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека не чувствува потреба да им се извини на службениците за кажаните зборови што се слушаат на неодамна објавената аудио снимка.
-Јас немам објаснување за тоа, во смисла на објаснување. Јас сум претседател на Собранието и со Деловникот на Собранието е пропишана мојата надлежност. Меѓу другите надлежности е да ја следам работата на службата. Покрај тоа треба да создадам услови и предуслови за работа на службата. Ако некој мисли дека службата треба работното време да го помине на улица „Македонија“ претпоствувам дека граѓаните не посакуваат таква служба, ниту во Собранието, ниту во која било институција, рече Џафери на денешната средба со медиумите, изјави Џафери.












