Плановите за одбележување на Денот на Армијата и јубилејот „30 години Армија“, како и текот на модернизацијата на Армијата и развојот на одбраната беа темите на кои денеска во Министерството за одбрана, министерката Славјанка Петровска ги брифираше уредниците и новинарите од секторот одбрана, информираат од Министерството за одбрана.
„Во изминатите 30 години Армијата постигна многу. Денеска Армијата е наша национална гордост, дел од најмоќниот воено-политички сојуз – НАТО Алијансата. Тоа е Армија која забрзано се модернизира и тоа веќе станува видливо. Во среда на Воениот стадион, ќе бидат изложени првите 6 нови оклопни транспортери од американско производство кои неодамна пристигнаа и со кои значително се влијае на подобрувањето на борбената готовност на Армијата. До крајот на годината ќе биде испорачана нова пратка, од 27 вакви возила и понатаму следуваат испораките согласно договорот. Продолжуваме и со набавка на други системи кои ни се потребни, набавка на специјални возила за посебни намени, артилериски системи и муниција, против-воздушен одбранбен систем, а во наредниот период ќе започнеме и со обнова на нашата воздухопловна компонента“, порача министерката Петровска.
Таа додаде дека во дијалог со синдикатите донесени беа најновите измени во Законот за служба во Армијата со кои војниците, подофицерите и офицерите заслужено добиваат одлични услови за работа и повисок животен стандард. Петровска го спомена правото на стекнување на правото на пензија со навршени 40, односно 38 години за армиските припаднички во висина од 80 проценти од најповолните 10 години работен стаж, можност за исплата на отпремнина за професионалните војници кои ја напуштаат Армијата со навршени 45 години возраст, во висина од две просечни плати, но не помалку од 1.000 евра за секоја година мината во служба, право на станарина од моментот на пристапување во Армијата, исплата на боледување во висина од 100 проценти од платата и воведувањето на поволни услови за стипендирање на млади и перспективни кадри од критичните специјалности за Армијата.
Во контекст на одбраната, министерката посочи дека таа се трансформира согласно стандардите на НАТО, стратегијата НАТО 2030 и новиот Стратешки концепт на Алијансата.
„Нашата основна цел е: Безбедни дома, одговорни во НАТО! Изработивме Концепт МКД Одбрана 2030, кој се состои од три главни столбови и пет мисии. Ова ја покажува нашата одлучност да бидеме активна членка на Алијансата“, потенцираше Петровска.
Министерката информираше за одбележувањето на три-деценискиот јубилеј на Армијата преку неколку настани, од кои го потенцираше отворениот настан со граѓаните, на 17 август во 18.30 часот на Воениот стадион. Порача дека во заедничко дружење со граѓаните кои најголема доверба имаат токму во Армијата, презентирана ќе биде најновата опрема, новите оклопни транспортери, вештините на армиските специјалци, а тоа ќе биде проследено и со музички изведби на воениот оркестар и повеќе изведувачи кои тоа го прават бесплатно, водејќи се од почитта и љубовта кон Армијата.
Петровска им се заблагодари на сите досегашни министри за одбрана, началници на Генералштаб, сите генерали, но и сите вработени во одбраната и во Армијата, за нивниот придонес во развојот на она што претставува столб на нашата држава, а благодарност упати и до претставниците на медиумите кои секогаш одговорно и професионално известуваат за одбраната и Армијата.
Одговарајќи на новинарски прашања, Петровска изјави дека одлуките за донација на воена помош и вооружување за Украина се одлуки на суверена и самостојна држава, без оглед на тоа што сме членка на НАТО, и сме дел од колективниот систем на безбедност.Од безбедносни причини тие се класифицирани,
-Од првата одлука до сега се донесени само три одлуки за донација кои се класифицирани од безбедносни причини. Тие содржат внатре детали што и каков вид на опрема и во која количина се донира. Од првата одлука кога ја донесе Владата на својата седница на предлог на Министерството за одбрана, во јавноста беше искомуницирано и соопштено дека носиме одлука за донација и во сите три случаи се следеше тој пример, притоа информацијата која што беше споделена експресно со јавноста е дека донесовме одлука за донација на воена опрема и вооружување за потребите на украинската армија. Детали не беа соопштени од безбедносни причини, но тоа не значи дека кога ќе направиме проценка дека не постои никаков безбедносен ризик тие три одлуки ќе бидат соодветно декласифицирани и јавноста апсолутно ќе знае точно што во која количина и каков вид на опрема и вооружување сме донирале кон Украина, рече Петровска
За коментарите и шпекулациите во јавноста кои настанале околу одлуките на Владата, министерката истакна:
-Одлуката која ја донесе Владата апсолутно претставува одлука на суверена и самостојна држава, без оглед на тоа што сме членка на НАТО и сме дел од колективниот систем на безбедност, но Владата сметаше дека во услови кога една друга суверена независна и самостојна држава – Украина е нападната треба да помогнеме водејќи се од општите принципи на самостојност. Од тие причини мотовирани ја донесовме одлуката за поддршка на Украина во опрема и вооружување, затоа што Украина е државата коа што беше нападната и која што се брани од агресија, посочи Петровска.
Министерката потврди дека дел од таа донација се и тенковите, без да соопшти во колкав број и во која количина е донацијата. Таа подвлече дека тие не се веќе дел од формацијата на Армијата, и не се потребни и при носењето на политичките одлуки апсолутно било земено предвид мислењето и првенствено бил консултиран Генералштабот на Армијата, како одговорни за гарантирање на борбената готовност на нашата држава.
-Сите барања кои се однесуваат на донација од каков било вид или каков било вид на отуѓување на опрема која ние ја поседуваме, апсолутно се во координација со ГШ на Армијата и по нивни добиени позитивни мислења дека таа опрема е неперспективна, непотребна на нашата армија, се отуѓуваат во соодветна постапка или во случајот со тенковите со донација. Така што ги демантираме апсолутно сите шпекулации дека со оваа донација или која било друга претходно, се нарушува борбената готовност на нашата Армија, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.












