Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска допатува во втора посета на Киев од почетокот на војната во Украина, пишува Дојче веле.
Шефицата на германската дипломатија утрово ненајавено пристигна во украинскиот главен град Киев со специјален ноќен воз од Полска, придружувана од мала делегација..
Бербок изјави дека нејзиното присуство во Киев има за цел да покаже дека „ќе продолжиме да и помагаме на Украина се додека е потребно со испорака на оружје, како и хуманитарна и финансиска поддршка“.
Таа истакна дека нејзината посета има за цел да се спротивстави на потенцијалниот „воен замор“ во Германија.
Јасно ми е, рускиот претседател Владимир Путин смета на тоа дека сме уморни да сочувствуваме со страдањата на Украина. Тој верува дека може да ги подели нашите општества со лаги и да ги уценува со резерви на енергија. И дека може да ни ги одземе енергетските ресурси во одбраната од овој брутален напад врз сите наши вредности, нагласи Бербок, истакнувајќи дека тоа е „погрешна пресметка“.
Таа планира да се сретне и со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, иако нејзиниот точен распоред се чува во тајност од безбедносни причини. Претходно Бербок престојуваше во Украина во мај, посетувајќи ја и Буча, објави Дојче веле.