МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Кога бројот на вработени од одредена етничка заедница во институциите од јавниот сектор очигледно, континуирано и во голема мера не соодветствува на бројот на граѓани од таа етничка заедница, тоа е индикатор за постоење на дискриминација врз етничка основа.
Овој вид дискриминација не се атакува со еднократно вработување на огромен број припадници од таа етничка заедница, со намалување или извртување на критериумите предвидени за одредени работни места, туку со воведување корективни механизми кои ќе овозможат намалување и /или потполно отстранување на дискриминацијата.
Корективните критериуми (согласно меѓународните стандарди) се формулираат како давање предност на кандидатот од помалку застапената етничка заедница во услови на кандидати кои приближно исто ги исполнуваат условите и со засилување на образованието на кадри од конкретна етничка заедница кои недостасуваат во јавниот сектор.
Во ниту еден меѓународен документ не се спомнува етничката припадност како основен критериум при вработувањето во јавниот сектор и во државната администрација. Секаде како основни критериуми се спомнуваат: знаењето, искуството и соодветниот интелектуален и професионален капацитет, а етничката припадност фигурира како коректив на евентуална идентификувана дискриминација.
Наспроти ова во Македонија упорно се турка на преден план партиската припадност спакувана во етничка обвивка и залепена со меѓупартиски пазар.
Во овој контекст ја разбирам и последната изјава на министерот за информатичко општество според кој: “според новиот балансер направен од страна на Министерството за информатичко општество секоја јавна институција кога ќе прави годишен план за вработување, ќе треба да планира една третина, односно 31,43 одсто да бидат Албанци“.
Самата изјава зборува за многу погрешен пристап во адресирањето на евентуалната дискриминација и сосема погрешен пристап во градењето ефикасна и ефективна администрација и јавен сектор.
Погрешноста на пристапот води кон апсурдна ситуација која бара постојано балансирање на бројките на вработени од одредена етничка заедница и дисконтинуитет во работењето на институциите и државниот апарат.
Само како пример, не сум сигурна по која формула е направен овој балансер, ако се има предвид бројот на етнички Албанци кои фактички живеат во Македонија (а кој не надминува 24%), меѓутоа дури и според вака изработениот балансер има многу државни институции од кои ќе треба да бидат отпуштени дел од вработените етнички Албанци затоа што го надминуваат процентот според усвоениот балансер.
- Народен правобранител – 37.97%
- Самостојните стручни органи – 33.33%
- Агенција за заштита на личните податоци – 33.33%
- Државна изборна комисија 32.67%
- Министерство за економија – 48.67%
- Министерство за животна средина и просторно планирање – 33.81%
- Министерство за локална самоуправа 40.38%
- Министерство за образование и наука – 33.33%
- Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците – 83.79%
- Министерство за правда – 35.68%
- Биро за регионален развој – 55.56%
- Државен девизен инспекторат – 62.50%
- Државен инспекторат за локална самоуправа 45.45%
- Државен инспекторат за техника инспекција – 42.31%
- Државен инспекторат за транспорт – 36.84%
- Државен инспекторат за труд – 35.75%
- Државен комунален инспекторат – 36.36%
- Државен пазарен инспекторат – 45.05%
- Државен санитарен и здравствен инспекторат – 45.07%
- Инспекторат за употреба на јазиците – 52.94%
- Управа за водење на матични книги – 34.86%
- Агенција за поддршка на претприемништвото – 33.33%
- Агенција за управување со одземен имот – 41.30%
- Државен завод за индустриска сопственост – 36.67%
- Државно правобранителство – 55.38%
Доколку се примени балансер кој ќе се базира на фактичкиот процент на попишани етнички Албанци кои се наоѓаат во Македонија (24%) бројот на институции во кои се презастапени и од каде што треба да се отпуштат значително се зголемува.
А под итно ќе треба да се вработат во институциите во кои етничките Албанци се застапени со 0% :
- Национална агенција за европски образовни програми и мобилност – 0%
- Дирекција за радиациона сигурност – 0%
- Агенција за филм – 0%
- Агенција за енергетика – 0%
- Управа за електронско здравство – 0%
- Биро за застапување на република северна македонија пред европскиот суд за човекови права – 0%
- Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекциски надзор и прекршочна постапка – 0%
- Регулаторна комисија за домување – 0%
- Агенција за регулирање на железничкиот сектор 0%
Ова не е борба со дискриминацијата туку злоупотреба на дискриминацијата за лична и партиска корист. И дефинитивно, етно-партиските критериуми во вработувањето во јавниот сектор претставуваат отворена врата за широка корупција на граѓаните, градење на гломазна и непрофесионална администрација/јавен сектор и создавање на клиентелистички граѓани кои се фатени во менгеме меѓу неефикасниот јавен сектор и етно-националистичкиот наратив.