Бојан Христовски, досегашниот директор на ЈП „Градски паркинг“-Скопје, како и неговиот колега од ЈП „Дрисла“ – Скопје, Јане Мицевски, преку фејсбук денеска соопштија дека даваат оставка од функцијата директор.
По вчерашните оставки и разрешувања денеска уште двајца кадри на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија функцијата директор во градските претпријатија.
-Денеска навршуваат точно 8 месеци од моето именување за вд директор во ЈП „Градски паркинг“ Скопје. На 13 јануари, оваа година беше мојот прв работен ден во ова претпријатие, а денес е мојот последен ден на оваа позиција. Влегов со план и визија, со посветеност, професионализам и со континуирана работна динамика, и сето тоа со цел да им овозможам на сите граѓани подеднаков третман и подобри услови за услугите кои ги пружа ова претпријатие, соопшти Христовск на Фејсбук.
Директор на „Дрисла“, Јане Мицевски пишува:
– Како директор на депонијата „Дрисла“ сакам да посочам дека во овој десет месечен период откако го преземав претпријатието направив стабилизација и негова консолидација и отпочнав со процес на инвестиции кои се во насока на подобрување на работата на истото. Но, секој индивидуален успех на било кое претпријатие не е целосен доколку истото не добие потркепа од колективитетот во кој „Дрисла“ мора да функционира, а тоа е Градот и нејзиниот прв човек. Морам да го истакнам немањето на координација и достапност со градоначалничката Арсовска и покрај бројните мои обиди тоа да биде сменето.
Мицевски вели дека „првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача“.
Предупредува дека „Дрисла“ се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал до сега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје.
– Поради сето ова јас денес си поднесувам неотповиклива оставка од местото прв човек на „Дрисла“, напиша Мицевски на фејсбук.