ЦИВИЛ ја продолжува серијата настани Зад димната завеса: „Со референдумот, или на него“. Учесници на панелот се Благојче Атанасовски, политиколог, и Зоран Димитровски од Демократски сојуз, а настанот го модерира Џабир Дерала, ЦИВИЛ.
Тема на панелот е иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за Референдум за поништување на Договорот Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, која беше одбиена од Собранието на Република Северна Македонија.
Генералниот секретар на Демократски сојуз (ДС), Зоран Димитровски, вели дека референдумот е највисокото демократско изразување на граѓаните и како таков треба да се негува како институција. Но, суштинскиот проблем со референдумите во Македонија е излезноста.
„Ако вие немате 50% излесност, а многу тешко е да имате во случај сите политички и етнички структури во земјава да немаат еднинствен став дали ќе поддржат референдум како начин за изјаснување за одредено прашање, вие на крајот имате неуспешен референдум. Од тие причини во Македонија имаме само еден успешен референдум, за независноста и самостојноста, кој патем речено исто така беше бојкотиран од една етничка структура, вели Димитровски.
Димитровски е со став дека ВМРО-ДПМНЕ однапред знеше дека референдумот нема да им биде успешен.
„Тие тоа го знаат. Го прават затоа што им треба една „политичка вежба“ на своето гласачко тело, да видат колку гласачи можат да придобијат и да видат колку граѓани можат да „закачат“ кои во изминатиот период беа изреволтирани од она што се случуваше со францускиот предлог“, додава Димитровски.
Тој додава дека референдумското прашање не е релевантно за овој момент. Тоа политичко прашање беше релевантно пред три години.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ сметала дека за договорот со Бугарија требало да се разговара, тогаш прашањето требало да се постави порано. Сега кога тоа е дел од сите меѓународни документи кои се важни за евро-интеграциските процеси за Македонија, сметам дека е политичка провокација да се поставува такво прашање. Тоа е неодговорно пред се пред домашната јавност“, вели Димитровски.
Според политикологот и аналитичар, Благојче Атанасовски, зад т.н францускиот предлог, односно како што вели европски предлог, застана високата американската и европска дипломатија.
„Мислам дека таа беше и клучна на Самитот на НАТО во Мадрид, кога ние го прифативме тој видоизменет предлог. Сакам да нагласам дека целата западна, меѓународна зедница застана зад тој предлог. Исто така би сакал да се надоврзам на комплексноста на тој евентуален референдум. Нема да навлегувам дали е издржана уставно-правната процедура на одлуката на Собранието, туку само ќе додадам дека многу добро уставно-правно толкување даде Доцентот на Правниот факултет, Денис Прешова, кој ги објасни политичките реперскусии на тој евентуален референдум.
Имено, се поставува прашањето – доколку тој референдум се случи, што понатаму. Јас сметам дека тој референдум доколку се случи ќе биде апсолутно неуспешен“, истакна Атанасовски.
Атанасовски нагласи дека сака да ја види трансформирана Северна Македонија како земја членка во ЕУ.
Дамјан Варошлија
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети