ВОЈО МАНЕВСКИ
Започнува процесот на скенирање на нашите закони од страна на експертска комисија на ЕУ. Анализата треба да ја покаже оправданоста на донесувањето на законите со европско знаменце, што досега не беше секогаш оправдано. Сега ќе се види колку целиот правен систем е компатибилен со европското право. Ова може да биде охрабрувачки процес за граѓаните на државата, која две децении е ластовичка што стои на жицата и се подготвува да летне во саканиот правец.
Да го објаснам скенирањето, ќе направам една аналогија со нешто што на голем дел од читателите им е познато од компјутерскиот скенер за фотографии и документи. Очигледно е дека тој принцип може да се примени на кое било скенирање.
Во целиот овој процес има две страни од кои зависи резултатот врз кој ќе се одвиваат преговорите по кластерите. Првата страна е онаа која врши скенирање. Што всушност значи тој процес на скенирање? Техничкото објаснување всушност е и суштинско објаснување на дилемите, што се јавуваат во целиот овој процес на длабинска анализа на состојбата во правниот систем на државава. Скенирањето е разбивање на целината на мали делови и вршење на нивна анализа. При скенирањето најважни се два параметри: резолуцијата (бројот на точки на единица површина) и бројот на бои кои скенерот може да ги распознае. Скенер со мала резолуција ги препознава во суштина само контурите и сликата при тоа не е јасна. Скенер со висока резолуција може да детектира детали што со голо око не можат да се препознаат. Овие технички објаснувања имаат и политичка употреба при скенирање на состојбите кај нас, по примерот на истиот процес што се правеше кај некои наши соседи. Последиците од недоволно јасното скенирање ги чувствуваме, со негативното мислење на граѓаните на Европа за целиот овој регион и неговото приклучување кон неа. Вториот параметар при скенирањето е бројот на бои кои скенерот може да ги распознае и тој број мора да е во соодветен однос со резолуцијата. Ако скенерот има голема резолуција, а може да препознае мал број бои, тогаш нема да ги препознае нијансите. На пример каде има сенка сѐ ќе биде црно, а каде е светло сѐ ќе биде бело. Значи и двете технички карактеристики мора да се во сооднос кој ќе резултира со јасна слика. Од јасноста на сликата ќе зависи и постапката на нејзиното ретуширање во европска слика.
Иако не верував дека техничките објаснувања можат да придонесат кон објаснување на некои поими, овој пат се уверив дека техничкото објаснување може да биде добра основа за разбирање на суштината на поимот. Поттик за оваа моја скаламерија е изјавата на еден млад доцент на правниот факултет со име Денис Прешова. Лично не го познавам, но од него напишаното ме заинтригира. Тој на јасен начин и со детално скенирање на правните основи за распишување на референдум и целиот проблем го осветли на разбирлив начин. Значи, еве пример каде кога кај некој се спојат доволната резолуција и доволен фонд на бои сликата е кристално јасна. Јасно е и дека секоја слика може да се замати кога неа треба да ја претстават политичарите од квалитет кој ние го имаме и каде има разлика меѓу резолуцијата и бројот на бои кои тие ги распознаваат. Како пример може да ви послужи споредбата меѓу изјавата на Прешова и ставот на претседателот на Собранието, заедно со партиските ставови на спротиставените страни. Метафорички објаснето, тие се страните на тунелот, а ставовите на Прешова се светлото на крајот од тој тунел.
Што сакам да постигнам со денешнава колумна? Да потврдам дека има светло на крајот од тунелот. Не заради тоа што некаква Бриселска бирократија со волшебно стапче ќе не преведе во светот каде се ѐ средено и ние ќе живееме со многу повисок стандард, туку заради тоа што почнуваат да се осветлуваат сите наши заблуди. Нема да постигнеме напредок во преговорите, ако не помогнеме сликата за состојбите да биде вистинита. Нашите марифетлуци нема многу да им наштетат на скенирачите, туку само ќе им донесат повеќе дневници за продолжениот рок на овој дел од процесот, а за вистинските преговори и да не стане збор, дури таму се ѐ по висока цена . Светлото е во начинот на кој размислуваат и формираат ставови оние што знаат. Не оние што низ политичката функција се стекнаа со разни научни титули, туку оние што не се плашат да го проверат своето знаење на вистинската сцена, каде критериумите за оценување се јасни. Потреба од такви кадри не да имаме, туку и ни се насушни. Не можам да оценам за министерот Маричиќ, кој во оваа почетна фаза ќе го води тој процес, која е неговата персонална резолуција и колкава му е способноста да разликува бои. Не можам да бидам сигурен и дека сензорот не му е заматен со партиска магла, но тој мора да иницира позитивен исчекор во таа насока. Не само со повик за способните кадри, туку и акциска програма со јасни критериуми за ангажирање на експертите за учество во процесот на преговарање. Не е на одмет да направи повик до младите кадри, кои се по светските универзитети или работат во етаблирани компании. Ако тие го прифатат тој повик, ќе се испрати јасен сигнал дека некој го цени нивниот труд. Тоа исто така може да биде и повик за еден друг процес за враќање на оние што овде ќе ја бараат својата шанса. Она што може да го направи министерот е да ги екипира тие комисии најмногу со кадри што не се партиски етаблирани, зошто народот нема доволно доверба во нивната компетентност. Тоа ќе биде секако прифатено, но исто може да направи штета на целото кадровско екипирање. Има способни лица и во партиските структури, но нивното влегување во комисиите да не биде според партиски критериум, туку според способност. Ако се вратиме на споредбата со двете клучни карактеристики на скенерите тогаш треба да се бараат навистина способни кадри на целата јавна сцена. Оној општествен слој што треба помогне политичарите да не ги прават сенките и кога премногу осветлуваат и кога со бои мачкаат, е одговорната интелегенција составена од илјадниците универзитетски професори и други образовани лица. Конечно имаат шанса да ги потврдат научните титули со кои се гордеат на социјалните мрежи. Товарот за вистинистоста на скенираниот простор треба да е врз нив а не врз политичарите без разлика кое место во Владата го завземаат.Тие се менливи а државата треба да е заедничка рамка во која живееме. Цената за ангажирање на способните е секако помала од штетата што можат да ја направат неспособните. Само така ќе овозможиме самите да си направиме темелно интерно скенирање, со идентификација на сите проблеми во сите можни нијанси. Според моето скромно мислење, така добиената слика за нас е многу поважна од кој било скен направен екстерно.
Ваква шанса за своевидно граѓанско помирување тешко дека наскоро ќе ни се пружи. Македонија помина болен процес на сопствено спознавање дека е мултинационално и мултикултурно општество. Во секој од народите во Македонија сѐ уште постојат националромантичари и разни десничари со разбирање на државата како монолитен национален блок, но тие се сѐ помалку. Не заради тоа што го сменија светоназорот, туку затоа што секојдневието бара друг тип функционирање. Кој ќе ти го поправи телевизорот? Дали некој што е од твојот национ или добриот мајстор? Последиците можат да бидат како во народната приказна за овчарот што се претставувал како мајстор и на крајот цртал волк. Тоа го знаел и тоа го правел за мајстор не го бива. Е тоа е вистинската дилема пред граѓаните на Македонија во целиот тој иден процес на скенирање, преговарање и прилагодување со европските органи и комисии. Ако и натаму се однесуваме според онаа нашата „мој Стојанче да си дојде“ не во 2030 година, туку многу цифри на тој бројчаник ќе се свртат пред да станеме членови на ЕУ. Цената на таквото наше однесување може да биде голема и без скенер согледлива. Најспособните и така ќе си станат европејци, а овде ќе остане она што знае само да пресипува од шупло во празно. Имаме очебиен пример со селата во Источниот дел на Македонија. Во педесттите се отселувале оние што сакале да учат и студираат. По нив оние што се вработувале во новите индустриски капацитети. На село останувал или најстариот брат или поретко најмладиот. Со време децата на најстариот се отселувале на ист начин, како и нивните постари роднини и во селото останува само старо и сѐ понеспособно население. Доколку се селата близу до градовите тој процес е поспор и таму има некаков живот и денес. Доколку селото е далеку од град или како што е често од регионален пат, таму денес се само купишта камења што се неми сведоци на некогашниот живот.
И не ни требаат анализи или примери за последиците од лошата страна на нашиот менталитет, тие слики си ги имаме пред нас, само е потребно да ги отвориме очите. Сакаме ли нашата држава што ја пееме и плачеме во зависност од расположението а да ни изгледа како запустените дедови огништа? Мојот оптимизам за светлото на крајот на тунелот го гледам во нужноста што ни се наметнува, а тоа е дека дојде времето за оние што знаат и умеат тоа да го покажат. Сметам дека скринингот како мал почеток на тој процес е сигнал за доаѓањето на тоа време.
И да завршам со делот од приказната за мајсторот. Кога овчарот му го покажал нацртаниот волк, како резултат од својата работа, домаќинот се фатил за глава и рекол: „Нацртај два волка еден тебе да те изеде, а другиот мене“. Ќе ја дотераме ли работата до заклучокот на домаќинот зависи само од нас почитувани мои сограѓани, без разлика колку ќе нѐ зрачат и озрачуваат со скенирањето.