ДРАГАН МИШЕВ
Плимата на војната која Владимир Путин самиот ја започна, покажува колку катастрофално тргнале работите за рускиот претседател. Загубите кој ги претрпе во украинската контраофанзива, го натераа да прибегне кон хаотична мобилизација за да ја надополни изгубената воена сила, и да прогласи „анексија“ на делови од украинска територија, која од час во час му се лизга низ прсти. Сега, тој освен жива воена сила и воена техника, губи и територии, и тоа не само во една од областите што незаконски ги прогласи за руски, туку и во сите четири анектирани делови.
Деокупација на „анектираните“украинските региони
Украинските сили длабоко напредуваат во областите на Херсон контролирани од Русија, Украинците напредуваат по западниот брег на реката Днепро, и се закануваат дека ќе ги опколат руските трупи на нивниот исток. Нивниот напредок беше толку брз што кај проруските пропагандисти предизвика вчудоневиденост и паника. Масло на огнот долеваат секојдневните објави на видеа и слики од победничките украински војници кои го истакнуваат украинското знаме над ослободените градови и села.
Според пресретнатите разговори од украинската безбедносна служба СБУ, помеѓу руските војници долж линијата на фронтот владее страв и паника.. Еден руски војник, наводно, е снимен како вели: „Овде нозете се тресат. (ХИМАРС) удира, земјата се тресе. Еве, сите наши треперат“. Во друго пресретнување, руски војник го повикува својот татко дома и го охрабрува да избегне мобилизација. Осуммина негови другари, вели војникот, неодамна ја напуштиле болницата во Херсон без раце и нозе. Со украинскиот напредок на западниот брег на Днипро, поголемиот дел од Херсонската област во се најде во дометот на најпрецизната артилерија на Украина обезбедена од Запад.
Поради украинските напади врз мостовите преку реката Днипро, што дополнително ја отежнува, и онака неефикасната и лошо организирана руската логистика, руските трупи на западниот брег се сè послабо снабдени.
Покрај западните артилериски системи, Русите дополнително се на мета на безброј напади од мали украински беспилотни летала, ги напаѓаат руските цели, често под закрила на темнината. Пристапот до ефикасно, модерно комбинирано оружје на Кијив придонесе за постојано слабеење на воените перформанси на руската војска во Херсон.
Како што руските трупи се повлекуваат во паника, на Украинците им ја оставаат нивната воена опрема и техника, вклучително и „антиквитетите“-тенковите Т-62М, реликвии од Студената војна, кои се вратени во употреба, поради тоа што Русија веќе не е во можност да ги издржи загубите на нејзините помодерни возила.
Украинскиот напредок во Херсон беше надополнет со постепен напредок во Запорижја, на исток, и дополнителни територијални придобивки во Харкив. Украинските сили навлегоа во Луганск, при што сега се водат битки во близина на реката Оскил и автопатот Сватове-Кремина северно од клучниот железнички центар Лиман, кој украинските сили го деокупираа минатата недела.
„„Па, сега е официјално. Деокупацијата на регионот Луганск веќе започна! Неколку населени места веќе се ослободени од руската армија, а таму вооружените сили на Украина веќе го креваат украинското знаме таму“објави Серхи Гајдаи, шеф на регионалната воено-граѓанска управа на Луганск, на Телеграма.
Како знак за конфузијата која владее во рускиот воено-политички врв, следи и изјавата портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, кој во разговор со новинарите во понеделникот призна дека Кремљ дури и не знае каде се неговите декларирани граници на анексија.
„Ќе продолжиме со консултациите со населението во врска со границите на регионите Керсон и Запорожје“, рече тој.
Во меѓувреме, армијата на Путин е во постојана дефанзива, без идеја како да го запре украинскиот напредок низ целата земја.
Путин се соочува со несогласувања дома
Руските порази во Украина предизвика излив на незадоволство кај поддржувачите на војната, создавајќи нова загриженост кај Путин.
Како резултат на ваквата состојба, руските „јастреби“, ултра-милитантните сојузници на Путин, дома почнаа да ги обвинуваат некомпетентните теренски команданти – и да даваат неконвенционални предлози за враќање на руската иницијатива.
Рамзан Кадиров, близок соработник на Путин, и воен лидер на Чеченија, беше особено остар кон генерал – полковникот Александар Лапин, командант на Централниот воен округ на Русија, кого Кадиров го обвини за губењето на Лиман од Украина минатиот викенд.
Кадиров го нападна Лапин затоа што не им обезбедил на силите во Лиман соодветни комуникациски и артилериски резерви.
„Не е срамно што Лапин е просечен, туку што тој е прикриен на врвот од страна на водачите во Генералштабот. Кога би можел, би го деградирал Лапин, би му ги одземал наградите и, со митралез во рацете, би го испратил на фронтот да му го измие срамот со крв“, напиша Кадиров.
Кадиров се залагаше за воведување воена состојба во пограничните области меѓу Русија и Украина и распоредување на „нуклеарно оружје со низок принос“ за да се надоместат загубите на бојното поле.
Игор Гиркин, поранешен офицер на ФСБ, кој командуваше со руските прокси сили во Донбас пред седум години и беше вмешан во мноштво воени злосторства, сега се осврна на министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу, кој некогаш се сметаше за втора најпопуларна политичка фигура во Русија, нарекувајки го „Маршал од иверица, чиј континуиран мандат на чело на Министерството за одбрана конечно станува неподнослив за сите кој не е силно заинтересиран за пораз во оваа војна“.
„Не можам да го објаснам ова предавање од воена гледна точка“, објави заменикот на Државната дума Андреј Гурулев, пензиониран генерал-мајор во руската армија и поранешен заменик командант на Јужниот воен округ, кој неодамна се залагаше за руски ракетни напади врз Обединето Кралство. „Веројатно, ова е значајна пресвртница не само воено, туку и политички, особено сега. … Се додека не се појави нешто сосема друго во Генералштабот, ништо нема да се промени. Сè друго е последица на политиката што се води оттаму“.
Кирил Стремусов, вториот човек на Херсон, регионот анектиран од Русија, сугерираше дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу поради поразот на бојното поле, би требало да размисли за самоубиство. Станува збор за изненадувачки, па и невиден јавен напад на еден од највисоките руски претставници, пишуваат дел од светските медиуми.
Над седум месеци војна, а не се остварени ниту најосновните воени цели што ги зацрта Русија со инвазијата на Украина. Минатите месеци руската војска претрпе низа порази на бојното поле и рускиот претседател Владимир Путин нареди делумна мобилизација, потсетуваат медиумите.
Заменикот на лидерот на анектираниот Херсон, Стремусов во видео порака јавно ги прозва генералите и министрите во Москва затоа што не ги разбираат проблемите на бојното поле.
Иако, барем засега, ниту еден од истакнатите провоени критичари на војската не го нападна Путин лично, сепак, рускиот претседател еден ден би можел да ја изгуби контролата над ситуацијата, доколку продолжат загубите на русите на украинските боишта.
А тој ден е се поблиску.