Во тензична атмосфера, со свирежи и извици „Татари, Татари“, околу петстотини охриѓани денеска го изразуваат револтот заради отварањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во центарот на Охрид.
Демонстрантите фрлаа со јајца кон клубот, ја пееја македонската химна, извикуваа Македонија и скандираат против цар Борис Трети. Пред демонстрантите има големо полициско обезбедување, кое се обидува да спречи да дојде до ескалација на протестот
Протестантите истакнаа транспаренти со натписи „Со фашисти не сме исти, ние сме Македонисти“, „Стоп за холокаустотот против Македонците“, „Европо, практикувај го она што го проповедаш, без дополнителни услови за Македонците, стоп за дискриминацијата“. Тие велат дека не им пречи отварањето на бугарски клуб, туку неговото име.
Пред трговскиот центар Амам граѓаните се дофрлуваа со македонските Бугари кои ги гледаа од терасата. Членовите на клубот прво немо го набљудуваа протестот, а потоа почнаа да им возвраќаат на демонстрантите на бугарски јазик и го развеаја знамето на цар Борис Трети што, пак, беше причина присутните уште повеќе да се разлутат.
Во еден момент протестантите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, но безуспешно.
Отварањето на овој клуб во Охрид предизвика силни осуди во јавноста, а Еврејската заедница во Македонија до ОЈО Охрид поднесе кривична пријава.
Протестот го организира партијата Левица, а вчера и ВМРО-ДПМНЕ го поодржа, со повик да биде масовен, но мирен и достоинствен.
Борис Трети, чие цело име е Борис Клемент Роберт Марија Пиj Станислав Сакскобургготски, станува „Цар на Бугарите“ на 3 октомври 1918 по абдикацијата на неговиот татко Фердинанд, по поразот на Бугарија во Првата балканска војна. По водство на Борис Трети, кој во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“, Бугарија се приклучува кон Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичка Јапонија. Тој во април 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добива територии од распаднатата југословенска држава и Грција, вклучително и голем дел од денешна Северна Македонија. Умира неочекувано на 28 август 1943 година, набрзо по неговата посетата на Хитлер. Него на престолот го наследува син му Симеон Втори, кој останува на чело на бугарската држава до септември 1946 година, а кој од јули 2001 до август 2005 година беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобургготски.
М.Д.












