Премиерот Димитар Ковачевски попладнево ја пречека претседателката Фон дер Лајен на платото пред Владата, од каде се упатија на тет а тет и билатерална средба на двете делегации. Веднаш после средбите, делегациите се упатија кон Европска куќа, каде амбасадорот Гир презентираше изложба и кусо видео на која беа прикажани досегашните проекти кои Европската Унија ги има инвестирано во Северна Македонија во областа на енергетиката. После презентацијата премиерот и претседателката на ЕК одржаа заедничка прес-конференција.
Денес е голем ден за Северна Македонија и за македонскиот народ. Денес го потпишавме Договорот Фронтекс на македонски јазик, без фусноти, без додавки и без ѕвездички. Тоа е ветувањето кое јас го дадов и го исполнив, рече премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конфере.
Ова, нагласи Ковачевски, е првиот официјален договор потпишан меѓу Северна Македонија и ЕУ на кој стои чист македонски јазик, заедно со сите други јазици во Унијата.
-Со овој чин се покажаа деструктивностите на сите кои бескруполозно со мегафони лажеа дека ова нема да се случи. Пропаднаа лагите, а граѓаните по којзнае кој пат увидоа кој е веродостоен партнер, а кој се служи со лаги и манипулации. Денес јасно и гласно во официјални изјави на официјални европски претставници се користи македонскиот јазик кој е рамноправно застапен со сите други во ЕУ, рече Ковачевски.
Тој ја повика опозицијата во Собранието на обединување заради европската иднина на државата, а тоа, како што напомена, се однесува на преговорите со ЕУ, но и на уставните измени кои ја очекуваат земјава веднаш по завршувањето на скринингот.
Не смееме повеќе да си дозволиме, рече, позицијата да работи забрзано кон ЕУ, а опозицијата да биде сидро на деструкција и спротивен правец.
Како што истакна Ковачевски, опозицијата им должи на граѓаните да ги одблокира и да ги сработи заедно со власта реформите кои ќе ги забрзаат реформите со ЕУ за земјава побрзо да стане полноправна членка.
-Уште еднаш ја повикувам опозицијата во Собранието да се обединиме заради иднината на државата. Тоа се однесува на преговорите со ЕУ, но и на уставните измени кои не очекуваат веднаш штом завршиме со процесот на скринингот. За жал, се однесува и на сегашното однесување на опозицијата. Ние не смееме повеќе да си дозволиме извештај на ЕК да нотира дека опозиција блокира европски реформи во Собранието. Не смееме повеќе да си дозволиме позицијата да работи забрзано кон ЕУ, а опозицијата да биде сидро на деструкција и спротивен правец. Опозицијата им должи на граѓаните да ги одблокира и да ги сработи заедно со нас реформите кои ќе ни ги забрзаат реформите со ЕУ за побрзо да станеме полноправна членка. Навистина би било страшно доколку се блокира патот кон ЕУ поради политички игри. Искрено се надевам дека ќе сме обединети за иднината на нашата земја и за иднината на нашите граѓани, истакна Ковачевски во обраќањето на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен.












