Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, одговорајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, изрази уверување дека ќе се постигне мнозинство и уставните измени ќе бидат изгласани.
-На билатералната средба зборувавме за оваа важна тема за уставните измени. Сигурна сум дека луѓето од Северна Македонија ќе постигнат мнозинство и ќе гласаат позитивно за уставните измени. Постигнавте многу, бевте успешни во напредувањето и сигурна сум дека ќе најдете убедливи аргументи за сите да сфатат дека сите се одгворини за придонес кон тоа земјата да се движи напред. Ги повикувам сите политичари да го остварат сонот на младите луѓе кои сакаат да се дел од ЕУ, истакна Фон дер Лајен.
Според претседателката на ЕК, Северна Македонија како и другите земји ќе мине низ овие реформи, ќе биде посилна.
Веќе многу имате завршено, интензивно работевте и препорачувам да се види Извештајот што беше објавен, но секако има уште многу што треба да се заврши, рече Фон дер Лајен, одговорајќи на новинарско прашање во врска со борбата со криминалот и корупцијата во земјава.
По заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, Фон дер Лајен порача дека и секоја земја што се приклучила кон ЕУ минала низ овие процеси и ги остварила тие реформи.
-Имаме Извештај за владеење на правото во рамките на ЕУ за постојано одново и одново да се зацврстуваат институциите кои се борат со организираниот криминал, кои се борат со корупцијата и кои се занимаваат со владеењето на правото, истакна Фон дер Лајен.












