Приватниот автобуски превозник „Макекспрес“ втор ден не сообраќа по редовните линии, бидејќи како што велат од претпријатието, немаат средства за да се продолжи со работа, јавува Телма.
Компанијата вели дека тоа е поради доспеаниот долг од Град Скопје и од ЈСП за претходните три месеци кој изнесува над половина милион евра. „Макекспрес“ бара средба со градоначалничката Данела Арсовска и со раководството на ЈСП.
Од вчера утрото не возат дел од приватните автобуси во Скопје бидејќи Градот им должи пари. Автобусите со броевите 19, 20, 52, 54 и 22 вчера не превезуваа патници. Жителите кои ги користат услугите на приватните превозници од Шуто Оризари, Ржаничино, Волково и Колонија Идризово останаа без превоз.
– Во моментот ЈСП „Скопје“ ни должи 30 милиони денари. Ние немаме средства за да ставиме гориво во возилата и поради тоа нашите автобуси од утрово не превезуваат патници – истакна вчера Милорад Димитриевски од „Макекспрес“ кој потенцираше и дека и покрај најавите од нивна страна дека од утрово нема да возат нивните автобуси сепак до сега немало никаква реакција од Град Скопје за надминување на овој проблем кој трае подолг временски период.












