Поттикната од вестите за урнисаната железничка станица во Кичево, загрижена за својата и за безбедноста на останатите граѓани кои патуваат, граѓанска новинарка, која сакаше да остане анонимна, ни испрати фотографии од состојбата на станицата. Таа вели дека е прашање на време кога покривот ќе се урне.

Како што извести „Нова Македонија“ снегот што деновиве во Кичево наврна во висина од околу 30 центиметри, предизвика уривање на оштетениот дел од покривот на магацинот на железничката станица во Кичево. Делот од објектот што се урна, бил оштетен веќе неколку години, и уривањето било само прашање на време. За опасноста од паѓање на покривот, предупредиле и лица вработени во фирма која користи дел од просториите на железничката станица.

ЦИВИЛ Медиа стапи во контакт со Фари Јусуфи, вработен во Македонски железници од Кичево, кој потврди дека е планирана реконструкција на дел од покривот, меѓутоа, негира дека деновиве дошло до некакво уривање. Тој изјави дека реконстукцијата требала да се случи уште есента, меѓутоа, поради тендерските набавки и доцнењето на материјалите, таа е одложена за напролет.













