ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
По сознанието дека реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад ја правеле две кинески фирми, сега дознаваме и тоа дека надзорот го правела – унгарска фирма!
Дали секој ден станува сѐ појасна сликата за наднационалниот конзорциум кој силно ја окупирал или атакува кон таков статус Балканската рута Будимпешта – Белград – Скопје – Атина?
Еве, деновиве траат масовни протести во Белград против бесмисленото рушење на Стариот савски мост. Рушењето е доверено на кинеска фирма!? Она што не им успеа на нацистите на 20 октомври пред 80 години, ќе им успее на пекиншките работници.
За кинескиот кредит (Ексим банка) кој се претставува како унгарски да не говориме. Никакви детали не се знаат, а Мицковски сега рече дека ќе продолжи да се задолжува со кредити од типот „држава со држава“ за кои одново нема ништо да се знае! И не треба, сѐ е јасно „како ден“.
Надзорот над владата секако стигнува да реагира брзо. Се сеќавате ли на реакцијата на Вучиќ кога се покажа дека сме се согласиле да продолжиме со изградба на пругата кон Бугарија? Па и обидот на Николовски сега низ наводни преговори со Софија да најде „чачка“ за најнапред да го поништи изборот на изведувач (веќе завршен во рок) за да се преземе контролата над европските пари!
Потоа сѐ е лесно. Па (ќе) се бара нов проект, за да се потрошат нови пари преку актери кои само тие ги знаат однапред.