Уште еден затвореник во КПУ Идризово, почина викендов! Осудениците со кои ја делел затворската ќелија, го затекнале А.Р. (21) од Скопје во бессознание.
Како што соопштуваат од МВР, со возило на итна медицинска помош А.Р. бил пренесен во Клиниката за токсиологија, каде што констатирана смрт. Телото, по наредба на Јавен обвинител, е дадено на обдукција.
Од почетокот на годината, ова е петти смртен случај на затвореник во затворите во Македонија!
Во февруари, притвореникот Р.А. од Струмица починал во затворот Скопје. Претходно, во јануари, во Казнено–поправниот дом „Идризово“, почина затвореникот М. С. (46). Истиот месец, на 10-ти и 11-ти јануари, починаа 73 -годишникот М.А. од Гостивар и 56 -годишникот С.Р. од гостиварското село Речане, кои исто така, служеле затворска казна во „Идризово“.
Од канцеларијата на Народниот правобранител, како што информираат за ЦИВИЛ Медиа, сè уште се подготвува извештајот за работата од 2016-та година, каде ќе бидат опфатени условите во кои ја отслужуваат казната затворениците, притворот и проблемите со кои се соочуваат.
На веб-страницата на Управата за извршување санкции нема податок за бројот на починатите лица во затворите во Македонија. Исто така, нивниот годишен извештај за 2016-та година сè уште не е објавен.