ЦивилМедиа на својата Фејсбук страница го постави ПРАШАЊЕТО НА ДЕНОТ: Што мислите за одлуката на Владата за минималецот без консултација со работниците?
Извршителите – алатка за правда или инструмент на неправда?
По прашањето поставено на официјалната Facebook страница на ЦИВИЛ: „Какви се вашите искуства со ИЗВРШИТЕЛИТЕ?“, пристигнаа бројни коментари од граѓани кои споделија свои лични искуства, кои говорат за системски проблеми, бирократски лавиринти и чувство на неправда.
Интересот на банките и државата над интересот на граѓанинот
Најчеста забелешка што се провлекува низ коментарите е дека извршителите работат исклучиво во интерес на банките и државните институции. Граѓаните истакнуваат дека кога тие се во улога на доверители, правдата е бавна, недостапна, па дури и невозможна. Во еден случај, лице со добиена судска пресуда во своја корист било информирано од извршител по месец дена дека „не смее да влезе во објектот за заплена на имот“, и покрај тоа што постоеле докази за неплатен ПИОМ во текот на 10 години. Ова, според граѓанинот, претставува кривично дело, но, како што вели, „политиката и судството му даваат право“.
Животно искуство со извршител – лавиринт без излез
Во едно од најдеталните сведоштва, граѓанка раскажува за својата долгогодишна борба со извршител, суд и правниот систем. Случајот започнал кога нејзиниот поранешен сопруг земал кредит за фарма на свињи, а по неговата смрт, и покрај тоа што била правно ослободена од каква било поврзаност со кредитот, била блокирана од извршител. Судот, претходно донел пресуда против неа, подоцна бил оценет како „грешен“ од друг судија. Преку поддршка од Клубот на млади правници успеала да го реши случајот, но како што вели:
„Штета што не тужев за тие претрпени стресови, навреди и закани“.
Двојна казна – за ист долг
Друг случај зборува за неповрзаност и недореченост меѓу извршител и јавно претпријатие. Граѓанка која уште во 2018 година склучила договор за отплата на долг со рати, и добила информација во 2023 дека е во претплата, во 2025 година наеднаш ѝ биле задржани над 4000 денари од пензијата. Без опомена, без најава – само нова извршна мерка. „Казнета сум два пати за иста работа“, вели таа, поставувајќи логично прашање – „Колку долго треба да се чуваат сметките?“
„4000 денари долг – 1000 евра наплата!“
На крај, сведоштво за случај со долг од само 4000 денари во веќе непостоечка банка, кој завршил со наплата од 1000 евра, повторно го отвора прашањето за пресметките на трошоци, камати и провизии кои често надминуваат секаква логика и фер практика.
За сите коментари повелете оригиналниот пост на Фејсбук пејџот на ЦивилМедиа.
А.М.