Претседателот Доналд Трамп во неделата ја прошири својата трговска војна во киното, воведувајќи 100% царина за филмови што се произведуваат надвор од САД и се увезуваат во Америка, пренесува Си-ен-ен.
Трамп, во вечерен пост на неговата платформа за социјални медиуми Truth Social, рече дека им наложил на Министерството за трговија и на трговскиот претставник на САД да воведат 100% царина за филмови што се произведуваат надвор од САД и се увезуваат во Америка.
„Филмската индустрија во Америка умира многу брзо. Други земји нудат секакви стимулации за да ги одвлечат нашите филмски работници и студија подалеку од САД“, напиша Трамп во својот пост. „Затоа, го овластувам Министерството за трговија и трговскиот претставник на САД веднаш да го започнат процесот на воведување 100% царина за сите филмови што доаѓаат во нашата земја, а се продуцирани во странски земји. САКАМЕ ФИЛМОВИ НАПРАВЕНИ ВО АМЕРИКА, ПОВТОРНО!“
Воопшто не е јасно како би се вовела таква царина. Филмовите се интелектуална сопственост, а не стока, па затоа претставуваат еден вид услуга што во моментов не е предмет на царини. Сепак, USTR забележува дека некои услуги можат да бидат предмет на одредени нетарифни трговски бариери, како што се регулативи и даночни олеснувања. Тие би можеле да го онеспособат американското филмско производство.
Многу странски градови понудија големи даночни олеснувања на филмските и телевизиските студија за снимање филмови и емисии надвор од Холивуд. Тоа доведе до тоа голем број продукции да ги префрлат операциите на места како Торонто и Даблин. Како одговор, гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, предложи огромен даночен кредит за враќање на продукцијата во Холивуд.
„Холивуд и многу други области во САД се опустошени“, напиша Трамп. „Ова е координиран напор од други нации и, според тоа, закана за националната безбедност. Тоа е, покрај сè друго, порака и пропаганда!“
Д. Мишев