Науката останува гориво за напредок и раст за нашите општества, бидејќи без идеите и откритијата што доаѓаат од научните истражувања, напредокот порано или подоцна ќе стагнира, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на конференцијата „Одберете ја Европа на науката“ на Универзитетот Сорбона во Париз.
– Сите можеме да се согласиме дека науката нема пасош, нема пол, нема етничка припадност или политичка партија. Како таква, таа игра клучна улога во поврзувањето на луѓето и создавањето заедничка иднина во денешниот расцепкан свет. Веруваме дека различноста е богатство на човештвото и крвотокот на науката. Таа е едно од највредните глобални добра и мора да се заштити, истакна Фон дер Лајен.
Затоа, според неа, повеќе од кога било досега, потребна е поддршка на науката, која е универзална и обединувачка и трага по знаење за тоа како функционираат работите што не зближуваат како луѓе.
– За жал, улогата на науката во денешниот свет е доведена во прашање. Доведено е во прашање инвестирањето во фундаментално, слободно и отворено истражување. Каква гигантска грешка. Верувам дека науката го држи клучот за нашата иднина во Европа. Без неа, едноставно не можеме да се справиме со денешните глобални предизвици – од здравството до новата технологија, од климата до океаните, рече Фон дер Лајен.
Таа потенцира дека поради тоа Европа „секогаш ќе ја избира науката“ и ќе се залага „светските научници да ја изберат Европа“.