ОЛИВЕР АНДОНОВ
Во една претходна колумна ви пишував за значењето на поимот суверенизам како измислена политичка идеологија заради прикривање на автократската тенденција во владеењето. Творец на оваа таканаречена четврта политичка теорија е Александар Дугин, познат „идеолог“ и заштитник на власта на Путин.
Исто така, одамна ви објаснив (кој разбра, разбра) дека согласно уставот на Македонија, суверенитетот на нашата татковина Македонија како држава, не произлегува од власта или државните органи, туку исклучиво и само од нејзините граѓани. Оттука, единствен суверен и творец на суверенизмот на Македонија сме сите ние македонските граѓани кои ја сочинуваме македонската нација, без разлика дали сме дел од македонскиот народ или припаѓаме на другите делови од народи кои живеат на територијата на Република Македонија.
Ете затоа што граѓанинот го сочинува суверенитетот на Македонија како држава, емпатијата кон суверенот е многу важен елемент при креирањето на политиките но не и политиките креирани од страна на властодржецот. Емпатијата кон суверенот е во центарот на креирањето на јавните политики на демократска власт.
Ова е појдовната точка за размислување на секого од нас поединечно како суверен на нашата држава Македонија и бара да си го поставиме прашањето: „Дали власта има емпатија кон нас“? Не дали нам ни овозможила власта лично богатење или некакви си бенефити и ние тоа го сметаме за емпатија, туку токму дали власта со љубов гледа кон сопствената нација, а особено нејзината иднина. Оваа иднина на нацијата е всушност повторно збир на нашата индивидуална иднина. Таа иднина треба да биде тука во Македонија, бидејќи без нејзините граѓани – народот – суверенот, државата не постои како суверен меѓународно-правен субјект.
Но што ни се случува во пракса?
Тоа што ни се случува во грдата реалност го гледаме секојдневно, но дали го разбираме, дали сме свесни кон што не води немањето на емпатија од страна на власта кон суверенот? Покрај секојдневните манипулации и ПР лаги за тоа како сме многу успешни и на прво место (лага која ни ја пласираат веќе триесет години, а ние сме сега и зад Албанија) има и факти кои треба да ги гледаме. Само неколку актуелни показатели кои ни укажуваат на тоа дека се работи за голо политикантство и потполна измама од страна на власта (оваа власт, нашата, од нашето ВМРО-ДПМНЕ) кон сопствениот народ (дури и сопственото членство). доволни се да ја видите антипатијата, секако доколку не сакате да останете слепи и глуви и така ви е полесно да живеете.
Замислете само колку треба да си душманин, без чувствителен, озлобен и да немаш љубов кон сопствениот народ од чии труд живееш за да земеш повеќе од 14.000 евра надоместок за патни трошоци за една година. Тоа се пари кои најголемиот дел наши сограѓани (суверени на државата Македонија) не може да ги заработат како редовна плата за две години, а не да ги заштедат. Но затоа еден пратеник кои веќе има 3.000 евра месечна плата или над 35.000 евра годишно, мора да земе уште 14.000 евра за патни трошоци. Душманско, би рекол дури и злобно однесување кон суверенот.
Што се случува два месеци по трагедијата во Кочани? Не мислам на истражно-обвинтелската постапка, туку мислам на поддршката и помошта на преживеаните, повредени и физички и психички трауматизирани млади луѓе. Дали воопшто државата има програма за помош кон нив и нивните семејства? Таа помош не само што може да се издвои од оние фамозни патни трошоци на пратениците, туку мораше да биде институционално поддржана и организирана на дневно ниво за време кое е неограничено се до враќањето во некаква нормала на повредените и нивните семејства. Во недостиг на персонал и услови во кочанската болница, ниту збор не слушнавме од владата за тоа како планира да ја надмине оваа состојба. Наместо емпатија и сочувство кон суверенот, ние имаме Сораја политичко-пропагандно и божем патриотско шоу за тоа како некого многу го боли и пече и како морал да донесува одлуки за барање помош од соседството и покрај не добрите односи. Тресење глупости во квази патриотски стил. Во меѓувреме, оставени без институционална и организирана помош и поддршка жртвите (повредените) во трагедијата и нивните семејства ќе преживуваат во континуирана траума и болка и тоа во недоглед. И толку од тоа што го боли и го пече лицето под две илјади маски (подобар е од лицето Заев под илјада маски).
Антипатијата и потценувањето на суверенот продолжуваат на секое ниво на власт. Дури ни срам ни перде за нашите сопартијци пратеници кои во Собранието не гласаа за институционална и финансиска помош за повредените. Какво дно и недостиг на елементарно човечко однесување, а не пак емпатија кон суверенот. Оној суверен кој им овозможува комотно живеење на нашите сопартијци – пратеници. Аман, доколку и сакавте да не поддржите некаква си иницијатива на СДС пропаднато за која вам не ви текна, требаше да бидете малку умни и виспрено да ја поддржите нивната иницијатива со едноставен коментар дека еве помагате барем малку да ги ублажите последиците од нивното владеење. Ама и тоа не знаете да го направите, бидејќи вие знаете што е политика за сопствен интерес, но гарантирам дека не знаете што е емпатија. Во исто време длабоко во себе знаете дека и вие – ние како партија носиме вина за трагедијата во Кочани, но никогаш нема да се извините за нашите грешки, туку еве вака ќе глумите договорна политика со СДС пропаднато.
Каков евтин театар пред очите на суверенот кого што властодржецот Мицкоски всушност го мрази до толку што најмногу би сакал да не го гледа. Едноставно, Мицкоски за суверенот смета дека е глуп, прост, неспособен, необразуван, недоветен. Дали е? Времето ќе покаже. Затоа и на јавна сцена го потценува немајќи никаква емпатија кон суверенот и сметајќи го само како проста маса од која тој и неговите клиентелисти и полтрони ќе можат да се обогатат. Впрочем исти е односот и кон партиското членство кое пак се се надева на милоста на „лидерот“ и да ги огрее сонце во бедата во која не функционира системот на државата кој треба да го заштити токму суверенот. Да го заштити од антипатија, односно омраза и негрижа на властодржецот.
Но, како се вели: „Од глава си патиме“. Или подобро и поексплицитно да се изразиме, си патиме од немање мозок и храброст, како и демократски капацитет да се спротивставиме. Видете само што се случува во ресорот култура, каков хаос и притисоци во врска со платите. Но пари за спектакли со културно-информативни центри и патувања има. Што е тоа доколку не е антипатија јавно покажана.
Врвот на антипатијата на Мицкоски (како експонент на власт, но и лично) кон суверенот е глумењето на патриот пред суверенот на прес конференцијата со Кошта. „Додека сум јас премиер….“. Однос кој јасно ја покажува самозаљубеноста и без емпатичноста кон суверенот во чие име треба да зборува и во чии интерес и полза треба да работи.
Но ајде да бидеме конкретни. Одамна, како Внатрепартиска фракција му кажавме на Мицкоски дека излезот од ќорсокакот во кој не внесе во соработка со Заев (Филипче) и СДС распадното и која соработка продолжува е јасно да каже дали ќе ги спроведе преземените обврски согласно таканаречениот Француски предлог (Европски договор или План А како што му кажа Кошта) или ќе се одлучи да го раскине Договорот за добрососедство со Бугарија и со тоа и Францускиот предлог (Европскиот договор). Бидејќи ЕУ нема План Б, јасно е дека Мицкоски треба да го понуди тој план. Тоа дека под покровителство на ЕУ ќе разговара со Бугарија, веќе не е реален план. Ние како Внатрепартиска фракција го предлагавме тоа како можност, да се започнат директни разговори со владата во Софија со посредство на ЕУ и САД, но очигледно е дека Мицкоски со примената на мерките кои му ги предлагаме намерно доцни. Прашањето за Мицкоски е: „Ти глуп си или намерно ни го правиш ова“? А токму одговорот на оваа прашање ни ја потврдува не емпатијата кон суверенот.
Всушност, тоа што како план го има Мицкоски е многу едноставна работа по принципот: „Како мали Ѓокица гледа на светот“? Имено, за внатрешна употреба пред суверенот пред кого глуми патриот а не може да го гледа до толку што не го поднесува, со веќе видени флоскули дека бранејќи ја македонштината од клетите Бугари и расипаната Европа нели, и корења ќе јадеме ама не попуштаме. Затоа што тој не е наивен нели а сите ние треба да сме будали, и ни креира божем патриотски позиции. Преведено на народен јазик тоа значи дека ние сите, суверените, ќе јадеме корења, а тој да си остане премиер и на нашата мака со неговата контра банда да си направи уште повеќе парички. Токму така треба да глледате и кон неговата ФБ најава дека по средбата со Стармер ќе донесе добри вести за Македонија. Веста, таа добрата, треба да биде дека кај Обединетото Кралство ќе се задолжиме пет милјарди фунти (според Мицкоски). Онаа лошата што не ја кажува Мицкоски и која преку ПР ќе се обидува да ја менаџира пред суверенот има два дела. Прво, под кој услови и за каква намена во детали и на колку рати ќе биде земен заемот (да не бидеме груби кон Мицкоски со поимот кредит)? Второ, во кој рок и со која камата или друг надомест суверенот ќе мора да го врати заемот? Бонус прашање, но за Мицкоски: „Што доколку не ги испочитуваш условите за трошење на заемот и се обидеш истиот да го манипулираш за да го наполниш празниот буџет и да за вас „заштедите“ неколку десетици или стотици милиони“? Како ќе се справиш и со кој ПР на еден ваков скандал кој ќе падне на грбот на суверенот ќе имаме можност да видиме и да се смееме на сопствената мака. Се ми се чини дека во оваа игранка Мицкоски ќе го насамари и Николоски, бидејќи тој беше во Обединетото Кралство. А договорот допрва треба да се потпише. Еден од условите кои предизвикува внимание во јавноста е прашањето со бегалците и улогата на Македонија. Ете затоа тврдам дека лицето Мицкоски е без емпатија кон суверенот, едноставно не размислува за иднината на суверенот кој го избрал да го претставува. При тоа, каква коинциденција, изјавата која ја дава Мицкоски за нашите медиуми е од истото место и во истиот стил како и Вучиќ – од плоштадот во Тирана.
Да бидеме на чисто, не дека е негативно да се има стратешки договор со Обединетото Кралство и негов влез и инвестиции во Македонија, тоа е исклучително значајно, дури и неопходно за иднината на Македонија, но едноставно не верувам во капацитетот и искреноста на Мицкоски, секако сигурно е неискрен кон суверенот, но дури и кон Обединетото Кралство.
И кога сме кај иднината, пред се онаа на суверенот, да се вратиме на „предлогот“ на Мицкоски, оној кој уште лани му го сугериравме како Внатрепартиска фракција, но во други услови во кои Бугарија можеби и ќе беше принудена да прифати разговори од кои ќе можевме да очекуваме нешто. Денес, во актуелниот миг, Бугарија нема да прифати да разговара со Македонија, посебно не со Мицкоски, со едноставно образложение дека тие немаат ништо со нас и дека ние имаме договор со ЕУ кој наша влада го прифатила, поради што доколку сакаме да дојде до промена на тој договор треба да разговараме со ЕУ. За да му биде појасно на суверенот што значи тоа, ќе објасниме. Тоа значи дека сите земји членки на ЕУ треба да се согласат со измени на овој предлог (Француски) и тоа како заклучок на ЕУ преку официјален документ да и биде понуден на Македонија. Оттука се поставува прашањето: Дали ЕУ има време, услови и политичка волја повторно да отвора прашање кое е затворено и тоа во услови кога ја мачат други геополитички прашања, поголеми отколку една Македонија. Сепак ние не сме центарот на светот колку и тоа да ни звучи чудно, но е реално. Понатаму, се поставува прашањето дали Франција ќе се согласи на измени и повторно работење на еден нов предлог? Ве уверувам дека нема. Да беше Мицкоски чесен ќе кажеше што конкретно му е понудено уште пред неколку месеци и што треба како влада да изработи за да се отвори првиот кластер што ќе значи de facto почеток на преговорите и влез на Македонија на мала врата, со одложени уставни измени и други активности. Токму на овој начин Мицкоски доби подарок од ЕУ за политички маневар и спас на сопствената чест. Но тој нема никогаш да го направи тој чекор. Токму спротивно поради не емпатија кон суверенот тој изнесува невозможни предлози за кој јасно и јавно му е кажано дека не поминуваат. Во меѓувреме не нудејќи никакво решение за членство во ЕУ се ориентира кон тоа да земе пари од каде и да е само за да заработи и се одржи на власт во комбинација на лажен патриотизам и поткуп на граѓаните пред избори, особено на клиентелистите, со пари од кредити кои треба да ги враќа суверенот. Токму затоа и имам длабок сомнеж во врска со „заемот“ од Обединетото Кралство.
Во меѓувреме параметрите и политички и економски се многу јасни. Бугарија како полноправна членка на ЕУ која за две години ќе одбележи 20 години од членството, од 01.01.2026 година ќе влезе во Евро зоната, а веќе е во Шенген зоната. Бугарија е на масата во ЕУ, а ние очигледно самите се нудиме да бидеме на менито, осоебно тоа ќе биде многу изразено по влегувањето на Албанија во ЕУ. Тоа ќе значи и промена на политиката на Албанија кон Македонија и по прашање на албанскиот народ кој живее во Македонија. Бугарија е поврзана од Александропулос или Пелопонез до Шведаска и Финска без граници што многу го олеснува превозот и економијата за разлика од нашите коридори оптеретени со граници и загуба на време. Не верувам дека некој друг (дури и Србија) ќе го користат Коридор 10, кога низ Бугарија имаат отворен коридор без граници (затоа за нас Коридорот 8 е од животно значење, како и влезот во ЕУ). Македонија има малку над 8.000 долари бруто национален доход по глава на жител а Бугарија над 17.000 долари според јавните податоци за 2024 година.
Следејќи ги само овие базични показатели и квалитетот на животот, но и тоа дека во Бугарија, Македонија не е топ тема за политичко-општествена расправа, и на крајот и пораката од Кошта дека ЕУ нема План Б, може да заклучиме дека планот на Мицкоски за разговори во Брисел со Бугарија под покровителство на ЕУ е чиста утопија. Поточно, тоа е лага на јавна сцена наменета за дефокусирање на граѓаните од основаната цел кон која треба да се насочиме – членство во ЕУ, и тоа што побрзо во пакет со Албанија и Црна Гора. Ова однесување, бездруго е без трошка емпатија кон суверенот кој ќе продолжи да страда со генерации.
Местото на Македонија е во ЕУ, уставните промени на патот кон таа стратешка цел се неважни, влезот во ЕУ ќе и овозможи на Македонија брз развој, побогат суверен и поквалитетен живот на суверенот. Со тоа Македонија ќе биде посилна и по суверена, ако така сакате. Се друго се празни муабети и изразена затскриена не емпатија кон суверенот.
И секако, промената на Уставот, донесувањето нови Устави и слични внатре државни промени се нормални во историјата на една држава. Оттука, како што има промена во еден правец, сосема е можна и извесна промена и во друг правец. Само тоа треба да се знае како да се изведе и всушност тоа е политичката умешност на среден и долг рок, а не краткорочното политикантство за зашеметување на суверенот преку божем патриотски и цврсти, пожртвувани изјави. Всушност, како што кажав, тоа е јавно искажување на не емпатија кон суверенот и негово оставање во состојба на измачување додека сите околу нас напредуваат прилагодени кон новите геополитички тенденции.