„Според соопштението на МВР, од жртва станав насилник, и наместо да се бранат жртвите, тие ги бранат насилниците“, изјави на денешната прес-конференција пред МВР, пратеникот на СДСМ, Максим Димитриевски.
Димитриевски најави пријава до Внатрешната контрола на МВР за да го расветлат случајот, бидејќи во полициската станица во Куманово, не го завеле случајот и ја нема заведено пријава од инцидентот која тој ја поднел.
„Вчера, цел ден очекував покана од полицијата за да дадам исказ, по мојата уредна пријава за физички напад врз мене и моите гости. Сепак, тоа не се случи. Доброволно побарав да се заведе случајот повторно, бидејќи како по обичај, сè беше забошотено. Но, битно е дека МВР излезе со дезинформација во јавноста за немилиот настан дека наводно јас сум напаѓачот! Со ова се потврдува дека злосторниците ги претвори во жртви. Се потврдија моите сомнежи за постапката, сè е монтирано и исценирано“, вели Димитриевски.
Тој ги демантира изјавите на анонимно момче дадени во некои медиуми дека наводно било истепано од Димитриевски.
„Како можам да нападнам некого, ако сум нападнат. Јас никого не удрив!“, додава тој.
Тој истакна дека не ги известил меѓународните претставници, бидејќи верува во правната држава и смета дека треба проблемите да си ги решиме самите.
„Верувам во правна држава и набрзо тоа ќе се оствари“, потенцираше Димитриевски.
Текст и камера: Дехран Муратов