Пресудата на највисокиот суд на ЕУ им зададе уште еден удар на обидите на Италија да создаде систем за брза постапка во Албанија за обработка на барањата за азил во странство, пишува Би-Би-Си.
Европскиот суд на правдата (ЕСП) изјави дека начинот на кој италијанската влада моментално дефинира дали една земја е „безбедна“ за враќање на некого чие барање е одбиено е во спротивност со законите на ЕУ.
Концептот на „безбедна земја“ е централен за договорот што премиерката Џорџија Мелони го склучи со Албанија во 2023 година за испраќање на мигрантите пресретнати на море директно таму за забрзана обработка, пишува Би-Би-Си.
Секој од „безбедна земја“ на кого му е одбиен азил требаше да биде депортиран во рок од една недела.
Но, ЕСП пресуди дека една нација може да биде вклучена на владината листа само ако целото население таму е безбедно, што значи дека Италија ќе мора да ја ревидира својата постапка.
Во моментов, на пример, Египет и Бангладеш се идентификувани како безбедни, додека прифаќа дека одредени групи таму бараат заштита.
Пресудата предизвика лута реакција од владата во Рим, која рече дека Европскиот суд ја пречекорува својата улога, додавајќи дека одлуката ќе ја ослабне способноста на земјите да „ги бранат националните граници“.
Европскиот суд, исто така, рече дека владата мора да ги објави сите докази и извори што ги користи при донесувањето на своите заклучоци за безбедните земји, за да можат барателите на азил да ја оспорат одлуката во своите случаи.
„Денес, судот јасно става до знаење дека една земја не може да се означи како безбедна освен ако не нуди ефикасна, генерализирана заштита, за секого и насекаде, и освен ако тоа тврдење не може независно да се потврди и оспори“, објасни Катја Сканавини од ActionAid Italy.
„Таканаречениот модел на Албанија се урива во својата правна суштина“, тврдеше таа.
Судбината на италијанскиот проект во Албанија ја следат внимателно и други влади, вклучително и во Велика Британија, кои се заинтересирани за обработка на барањата за азил во странство, бидејќи се обидуваат да го намалат бројот на нерегуларни мигранти што пристигнуваат во нивните земји.
Замислен како централен дел од строгиот пристап на Мелони кон имиграцијата, договорот со Албанија наиде на правни пречки уште од самиот почеток. Малкумина мигранти што беа испратени таму на крајот беа вратени во Италија по интервенцијата на адвокатите.
Д. Т.