На седница на Управувачкиот комитет, тело при Владата е донесена одлука во која се бара воведување на забрана за движење низ депонијата Вардариште, соопшти на денешната прес-конференција директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Тој посочи дека комитетот ја разгледал оваа можност и ќе треба дополнителни консултации за нејзиното воведување.
– Се соочуваме со некои формално-правни пречки бидејќи тоа е место на коешто веќе има една дива населба односно неколку куќи на припадници на една етничка заедница. На денешната седница на Владата што ќе се одржи во 14 часот ќе биде одлучено дали ќе се донесе ваква мерка или не, рече Ангелов.
Првиот човек на ДСЗ потврди дека Вардариште во моментов го обезбедува агенција за обезбедување којашто ќе се спречува влез и го ограничува пристапот и движењето низ неа. Засега, како што рече, на овој простор нема ниту чадење, ниту испарувања. За состојбата во Дрисла, Ангелов информираше дека за санирање на огнот се користи посебна пена и се работи на ублажување на состојбата. Тој појасни дека изминативе денови било упатувано по најмалку едно специјално возило. Директорот на ДСЗ изрази сомнеж дека пожарите на двете депонии се предизвикани намерно, а како што рече, тоа го прават лица кои обезбедуваат суровини и ги продаваат на црниот пазар.
– Имаме кривична пријава и веќе е одредена мерка притвор на три лица коишто спротивно на закон користеле диви отпади каде што откупувале материјали од лица коишто палеле кабли, но и друг вид на отпад на депонијата Вардариште. Тој материјал го продавале на овие лица. На тој начин се дестимулирани сите оние коишто потенцијално би палеле кабли, во иднина тоа да не го прават, затоа што не можат да го продадат, рече Ангелов.
Околу состојбата поради пожарите на почетокот на летото, Ангелов рече дека како Главен штаб за управување на кризи имаат легитимитет да преземат активности и за овие две депонии.
– Без да мешаме во менаџирањето со самите депонии. Нашата улога е гасење на пожарите и спречување на понатамошно чадење на овие две депонии, рече Ангелов.
Тој оцени дека складирањето на отпадот во двете депонии не е најсоодветно, а покривањето со земја нема да спречи ново палење. Како проблем за справувањето со пожарот на Дрисла е и недостигот од механизација.
-Во моментов таму работат два багери, еден булдожер и два повеќе тонски камиони кои се дополнително испратени. Камионите носат земја која се насипува врз опожарените делови, појасни Ангелов.
Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов ќе побара од надлежните институции да се направат дополнителни испитување на составот на отпадните води кои се создаваат на депонијата Дрисла и да се утврди каква е опасноста од нив. Нагласи дека по изборите ќе се пристапи кон трајно решавање на состојбата на депониите Дрисла и Вардариште.
Тој на денешната прес конференцијата во Центарот за управување со кризи по состанокот на Кризниот штаб посочи дека во време на предизборието не се преземаат обемни зафати за решавањето на проблемите и дека по изборот на прв човек на градот Скопје и општините ќе се понудат подолгорочни решенија и како што напомена неопходна е поддршка од државата.
– Очекувам дека новоизбраниот градоначалник со поддршка на Владата да ги среди овие депонии. Се работи за обемен процес во кој треба да се вклучат и општините Гази Баба и Кисела Вода и други надлежни министерства и институции и да започне процес на трајно решевање. Како Влада имаме сериозна намера да се зафатиме со решавање на овие горливи проблеми, рече Ангелов.
Во одговорот на новинарско прашање за последиците по луѓето од состојбата во депонијата Вардариште, напомена дека таму има големи количини на ѓубре за кое рече дека е невозможно да се посипа со земја и да се спречи излевање на загадените подземни води во Вардар.
-Ќе разговарам со одговорните во депонијата и ќе побарам одговори. Јавноста заслужува одговори и знам дека е потребен студиозен пристап во решавањето на проблемите на двете депонии Дрисла и Вардариште, рече Ангелов.