Драги сограѓанки и сограѓани,
Јас сум дел од тимот на ЦИВИЛ, во тим од околу седумдесет луѓе што ќе ги следат локалните избори в недела. Повеќето од нас ќе бидат на терен, низ целата земја, за да придонесат изборниот ден да помине мирно, со почит и достоинство.
Ве поканувам да бидеме заедно – како и секогаш досега – без разлика на етничката, верската, политичката или која било друга припадност и ориентација.
Да се почитуваме меѓусебно, да мислиме на иднината и на денот потоа, кога ќе продолжиме да живееме и да соработуваме во истите улици, населби, градови и села.
Изборите постојат поради нас, исто како и институциите.
Политичарите постојат за да ѝ служат на јавноста, а институциите – за да ни го олеснат животот во организирана, праведна и безбедна заедница.
Колку повеќе ние, граѓанките и граѓаните, учествуваме во изборните процеси свесно и активно, толку повеќе институциите ќе личат на општеството што го посакуваме – отворено, транспарентно и човечно.
Да не заборавиме: правото на глас е неотуѓиво право. Тоа е израз на нашата волја и одговорност кон иднината. Секој треба да донесе своја одлука врз основа на проверени информации и факти – смирено и достоинствено.
Парите што се трошат за време на изборите се наши пари.
Поткупот, купувањето гласови, заканите, притисоците и ветувањата во замена за глас – не се дозволени. Поточно – тие се забранети со закон.
Но и повеќе од тоа: тие го понижуваат човекот, ја уриваат довербата и ги подриваат темелите на демократијата. Наместо напредок, создаваат страв, поделби и неправда.
Ние во ЦИВИЛ сме тука за вас. Ако забележите нешто што не е во ред – пријавете ни. Заедно ќе побараме одговорност.
Секоја постапка во одбрана на демократијата, колку и да изгледа мала, има значење. Таа е белег на нашата совест, на нашата љубов кон слободата и кон достоинството на секој човек.
Да го почитуваме изборот на секој гласач, дури и кога не се согласуваме.
Тоа е суштината на демократијата – заедно да го браниме правото на различност и слободен избор.
Да гласаме достоинствено, со мир во срцето и со грижа за иднината на сите нас.
Вашиот глас вреди. Вашето достоинство нема цена.
Овој текст не претставува политичка или изборна порака. Ставовите се во духот на граѓанското образование и промоцијата на демократските вредности.
ЦИВИЛ со интензивна комуникација со јавноста за време на изборниот ден