Пентагон ѝ даде зелено светло на Белата куќа за испорака на ракети „Томахавк“ на Украина, откако процени дека испораката нема негативно да влијае врз американските резерви. Сега конечната одлука треба да ја донесе американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Си-Eн-Eн повикувајќи се на изјавите од тројца неименувани американски и европски функционери.
Трамп за време на последната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа изјави дека би претпочитал да не и достави на Украина ракети, бидејќи „не сака да се откаже од работите што се неопходни за заштита на САД“.
Според неименуваните извори сè уште има неколку оперативни прашања што треба да се решат пред Украина да може ефикасно да ги користи ракетите, меѓу кои и како украинската армија би ги лансирала ракетите.
Европските претставници тврдат дека Украина би можела да најде решение. Украинските инженери изнајдоа решение за употреба на ракетите „Сторм шедоу“ испорачани од Велика Британија, кои првично биле дизајнирани за употреба во модерните авиони на НАТО.
Ракетите „Томахавк“ имаат дострел од околу 1.600 километри.












