Денес, пред почетокот на второто рочиште за случајот поврзан со трагедијата во дискотеката „Пулс“, движењето „Кој е Следен?“ изведе симболична герила-акција пред Кривичниот суд во Скопје.
Пред влезот на судот беа поставени десетици „очи“ – силна визуелна порака дека јавноста будно го следи процесот и дека сите очи се вперени кон институциите кои имаат обврска да обезбедат правично, независно и транспарентно судење.


Од движењето посочуваат дека со оваа акција испраќаат јасен сигнал оти семејствата на загинатите, преживеаните и граѓаните очекуваат одговорност, професионално водење на постапката и судење без одолговлекувања и без политички влијанија.
„Ќе продолжиме активно да го следиме процесот и да реагираме секогаш кога ќе постои опасност правдата да биде нарушена,“ порачаа од „Кој е Следен?“.
Тие додаваат дека не смееме да дозволиме трагедијата во „Пулс“ да стане уште една неказнета болка, ниту да биде заборавена под товарот на институционална неажурност.
Акцијата, како што велат, е потсетник дека денес правосудниот систем е под будното око на јавноста:
„Поставивме очи пред Кривичниот суд за да знаете дека секој потег се следи, а секоја одлука се памети.“












