Во отворено писмо објавено на Фејсбук, Златка Пурковиќ и сè обраќа на претседателката Сиљановска-Давкова во врска со нејзиното кажување смешки пред новинарите во обид да ја оправда намерата на владата за набавка на нов авион, повикувајќи ја да ја прошета на онкологија за да ѝ ги покаже условите во кои болните од канцер секојдневно ја водат битката за својот живот.
Претседaтелке, нас ни се смеат затоа што употребуваме лекови за лечење на канцер што одамна светот ги напуштил. Ако ви дошло претседателке до смеење и до тоа да ги насмеете новинарите дојдете со мене на онкологија, јас ќе ве прошетам, ако немате кој, пишува Златка Пурковиќ.
Да видите како смрди во вецеата. Да видите дека нема хартија да се избришеш ако не носиш со тебе. Да видите каква храна јадат болните, како молат за количка бидејќи повеќе од половина се парализирани, за лекот од кој им зависи дали ќе живеат или ќе умрат, како чекаат по 12 часа да примат хемо. Да ги видите оние по дваесет години со пожолтени лица кои животот ги изгорел во цветот на младоста, а министерот за здравство не знаел што се случува. Не знаел ни дека за компјутер се чека и по една година. Една година додека она во тебе расте и те јаде.
И компјутерите се застарени, апаратите за зрачење се расипуваат секој втор ден. Прашајте ги мајките на тие деца, тие ќе ви кажат. И тие не сакаат да умрат, претседателке како ни вие што не сакате да загинете со премиерот во вашето авионче. Секој живот е бесценет ,но ние сме далеку повеќе.
Уште ли ви е смешно претседателке?
Неоти ќе стаса ова до вас, ама јас да ви пишам. Можеби телото ми страда, но совеста нема. Јас би сакала сите околу мене да бидат насмеани, но не заради ваква причина. Затоа побарајте ме заедно ќе се прошетаме, а ќе ви кажам и некој виц.
М. Д.
Преземено од Фејсбук профилот на Авторката.











































