Во анализата „БЛИСКИОТ ИСТОК: Од воени удари до енергетски шок и војна на наративи – кризата влегува во опасна фаза на неконтролирана експанзија“, колегата Џабир Дерала укажува на пошироките последици од актуелната криза и нејзиното влијание врз другите конфликти.
Глобалните кризи ретко остануваат изолирани, пишува Дерала, туку се надоврзуваат една на друга, создавајќи ефекти што директно се прелеваат врз веќе постоечките жаришта. Во тој контекст, предупредува тој, пренасочувањето на вниманието кон Блискиот Исток носи реален ризик Украина да биде оттурната од фокусот на меѓународната јавност и политичките приоритети.
За Украина, истакнува Дерала, ова не е прашање на медиумска видливост, туку на безбедност и опстанок. Намалувањето на вниманието, според него, може да значи забавување на воената и финансиската поддршка, како и постепено слабеење на санкцискиот притисок врз Русија — со директни последици на терен.
Во исто време, додава тој, Кремљ веќе се обидува да ја искористи новата глобална динамика за засилување на сопствените наративи и за релативизирање на агресијата врз Украина. Отворањето на нови кризни жаришта, оценува тој, создава простор за Москва да делува поагресивно, сметајќи на намален фокус и растечки замор кај западните партнери.
Оттука, заклучува Дерала, секоја нова криза – без разлика каде се одвива – не ја намалува, туку ја зголемува цената што Украина ја плаќа за својата одбрана и слобода.
Д. Мишев












