Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џипинг во Пекинг одржаа средба фокусирана на економската соработка, трговијата и технолошките инвестиции, но разговорите повторно беа засенети од прашањето за Тајван и растечките геополитички тензии меѓу САД и Кина.
Трамп во Кина пристигна со американска бизнис-делегација составена од директори на водечки технолошки и финансиски компании, меѓу кои и претставници на Tesla, Apple, Nvidia и Citigroup. Главната цел на посетата е отворање на нови економски договори и намалување на трговските тензии меѓу двете најголеми светски економии.
Според информации објавени од меѓународни медиуми кои се повикуваат на дипломатски извори блиски до самитот, кинескиот лидер Си Џинпинг испратил јасна порака дека Тајван е најчувствителното прашање во американско-кинеските односи.
На средбата бил промовиран и нов концепт на „конструктивна стратешка стабилност“, кој треба да овозможи подобра комуникација и управување со кризите меѓу двете сили.
Посетата се случува и во време на зголемени глобални тензии поврзани со Иран и војната во Украина, што дополнително го комплицира дијалогот меѓу САД и Кина. Вашингтон бара од Пекинг поголема соработка околу санкциите против Техеран, додека Кина се обидува да ја зајакне својата улога како глобален посредник и економски центар.
Средбата во Пекинг се оценува како обид за стабилизирање на односите меѓу САД и Кина, но и како показател дека економската соработка и геополитичкото ривалство ќе продолжат паралелно да ја обликуваат светската политика во наредниот период.
ЦИВИЛ Медиа Деск












































