Пишува: Џабир Дерала
Тектонските поместувања на унгарската политичка сцена, кои кулминираа со изборната катаклизма на Виктор Орбан и доаѓањето на партијата „Тиса“ на Петер Маѓар на власт, предизвикаа политички земјотреси во целиот регион. Истрагите што новата власт во Будимпешта ги покрена против мрежата за финансирање на т.н. „илиберален сојуз“ го загрозуваат опстанокот на голем број медиуми во Западен Балкан кои со години беа одржувани со унгарски државни пари.
Со освојувањето на двотретинско мнозинство од страна на партијата Тиса, се чини дека регионалниот систем на Орбан е практично мртов. Инвестициите во балканските медиуми, кои беа дизајнирани да го штитат илибералното крило на ЕУ и да шират антизападни и антиевропски наративи, сега се ставени под лупа, додека Унгарија брзо се враќа во линијата на кооперативни партнерства со Брисел.
Сепак, на самиот почеток на нашата анализа, предупредуваме дека, иако финансиските линкови од Будимпешта се под сериозен удар, авторитарната инфраструктура на Балканот покажува силна отпорност и веќе е во фаза на консолидација и закрепнување од изборниот шок.
Чистење на „домашниот терен“ во Унгарија
Она што до пред неколку месеци беше изборно ветување на тогашниот опозициски лидер Маѓар, денес, кон средината на мај 2026 година, веќе се преточува во конкретни законски и дипломатски акции. Истрагата за сомнителните унгарски капитални вложувања во медиумскиот сектор во Северна Македонија, Словенија и Србија влегува во клучна фаза, откривајќи ги механизмите преку кои партијата Фидес со години градеше пропагандна инфраструктура надвор од унгарските граници.
Стратегијата на Маѓар за демонтирање на балканската медиумска мрежа на Орбан започна со радикални потези на домашен терен. Новата влада е свесна дека без унгарските буџетски пари, регионалните сателити не можат долго да преживеат.
На домашен план, започна „ремонт“ на јавниот сервис. Нарекувајќи го државниот радиодифузер „фабрика за лаги“, Маѓар започна целосен институционален ремонт и ги замрзна нетранспарентните државни субвенции. Ова директно го прекина протокот на пари преку кои унгарските олигарси блиски до Фидес купуваа и финансираа медиуми на Балканот.
По изборниот пораз, најблиските соработници на Орбан почнаа панично да ги изнесуваат парите од Унгарија. Како одговор на ова, новата технократска влада покрена опсежни форензички финансиски ревизии против олигархиските кругови. Ова директно ја загрозува ликвидноста на „прокси“ компаниите кои се заведени како сопственици на удели во македонските, српските и словенечките десничарски медиуми.
Маѓар во костец со кумовите на „илибералната оска“
Новиот унгарски премиер покажа дека нема намера да биде дипломатски претпазлив кога станува збор за политичките сојузи на неговиот претходник. Директните изјави на Маѓар предизвикаа сериозна загриженост во Белград и Братислава, со што јасно се стави до знаење дека Будимпешта веќе нема да биде заштитник на авторитарните тенденции во регионот.
Во своите изјави, Маѓар јавно посочи дека новите унгарски власти во детали ја поседуваат шемата и знаат точно кој е „кумот“ (политичкиот покровител) на нетранспарентните финансиски и политички врски меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ, унгарскиот експремиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо.
Политички бранувања во Северна Македонија
Победата на Маѓар и падот на Орбан имаат потенцијал да им отворат простор на опозициските партии, невладиниот сектор и независните истражувачки новинари во регионот на Западен Балкан. Колку тие ќе успеат да ја искористат оваа можност, останува да се види, особено имајќи предвид дека тие се видно ослабени поради авторитарните тенденции во регионот.
Сепак, со часови, па дури и со минути може да се измери времето на реакција во опозициските и медиумските кругови ноќта по изборната победа на Маѓар. Реагираа и дел од граѓанските организации во регионот и во Северна Македонија.
СДСМ веќе го користи политичкиот пресврт во Будимпешта за да изврши притисок врз домашните институции. Од таму бараат итна, сеопфатна и независна истрага за сите бизнис зделки и договори на претходната унгарска структура со локални политички и бизнис моќници во земјава. Ова ги вклучува контроверзните инвестиции во телекомуникацискиот сектор, енергетиката, но пред сè – масовното купување на локални портали и телевизии од страна на фирми поврзани со Фидес, кои со години служеа како гласноговорници за партиски и геополитички интереси.
Авторитарна консолидација и прегрупирање во Србија
Сепак, претераниот оптимизам во однос на брзото згаснување на оваа пропагандна мрежа може да биде опасна замка. Додека Будимпешта ги затвора славините, другите регионални центри на моќ веќе работат на амортизација на ударот.
Од друга страна, се бележи консолидација на медиумскиот капитал поврзан со авторитарните центри на моќта, кој во моментов е очигледен преку купувањето на неколку независни медиумски куќи во Србија, за што пишува и Немања Рујевиќ во белградско „Време“.
Овој процес на „преземање“ на преостанатите независни медиуми (како што се најавите за продажба на регионални влијателни медиуми како N1) јасно покажува дека авторитарната оска на Балканот не капитулира, туку го менува својот облик. Наместо директно унгарско сопствеништво, мрежата се потпира на локални про-режимски олигарси во Белград, кои преку финансиски маневри се обидуваат да го пополнат вакуумот што го остави падот на Орбановиот Фидес во Унгарија.
Во оваа мрежа на влијанија што ги спроведуваат авторитарните режими усогласени со Кремљ, се вклучени многу сериозни играчи чии краци се протегаат низ цела Европа. Не треба да се занемарат ниту центрите на моќ од Белорусија и Словачка, како и други актери во политиката, бизнисот и медиумите во држави членки на ЕУ, без оглед на тоа дали се на власт или во опозиција.
Време за будност – авторитарните структури брзо се адаптираат
Иако Петер Маѓар во моментов води тешка битка на внатрешен план за демонтирање на заробената унгарска држава и деблокирање на европските фондови, неговиот фокус на прекинување на коруптивните канали веќе дава резултати на Балканот.
Без финансиската инфузија од Будимпешта, десетици медиуми во регионот кои опстојуваа благодарение на унгарските „политички пари“ се соочуваат со притисок кој би можел да доведе до намалување на нивните финансии.
Но тоа е само привремено.
Кога авторитарните структури на моќта, здружени со олигархијата во и надвор од земјата, ќе се соочат со изборен шок на домашниот политички фронт, далеку од тоа дека тие се повлекуваат во некое ќоше, ги лижат своите политичко-финансиски рани и ја чекаат правдата за своите криминали. Напротив, тие се прегрупираат и се преструктуираат. Тие и во периодот на својата најголема моќ, работат на резервни планови, ги корумпираат структурите во опозицијата, медиумите, академијата и граѓанското општество.
Во услови на изборен пораз, кога се во повлекување, тие ги активираат своите механизми за заштита и извлекување. Воедно, тие добиваат итна поддршка од сојузничките режими однадвор, за да ја одржуваат својата машинерија во функција, на почетокот притаено, но не помалку опасно по демократскиот развој.
Тоа го видовме во периодот по падот на режимот на Груевски. Тој сега се наоѓа во Будимпешта, во очекување на одлуките и постапките на администрацијата на новиот премиер Маѓар, но неговото и дејствувањето на неговата партија која сега е на власт во Северна Македонија, може и треба да послужи како историско сидро и предупредување за демократската власт во Унгарија.
Оваа сторија брзо се развива, а стратешката тишина или наглите промени во наративите кај локалните прокси актери во медиумските, интелектуалните и невладините кругови не значи дека антидемократските сили се поразени. Во претстојните недели и месеци може да се очекува тие структури во медиумската и граѓанската сфера сосема да закрепнат и да продолжат со својата неславна работа во служба на авторитарните центри на моќта и олигархијата.
Авторитарните структури во земјава и регионот покажаа дека брзо учат и дека се способни за брза адаптација на новите услови. Овој период не значи олеснување, туку потреба од уште поголема внимателност пред новиот, поопасен бран на прегрупирање на дезинформацискиот капитал на Балканот.
Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА
© 2026 ЦИВИЛ / Џабир Дерала. Сите права се задржани.












































