Во Собранието на Република Северна Македонија, во салата под големата купола, започна Скопскиот безбедносен форум 2026, под наслов „Архитекти на стабилноста: Безбедносниот идентитет на Западен Балкан“.
Форумот обедини претставници на академската заедница, државните институции, дипломатскиот кор, меѓународните организации, безбедносни експерти, медиуми и граѓанското општество, со цел да се отвори стратешки дијалог за улогата на Западен Балкан во европската безбедносна архитектура.
Годинешната тема го поставува регионот во контекст на современите геополитички предизвици, хибридните закани, дезинформациите, големодржавната конкуренција, енергетската безбедност и потребата од засилена регионална соработка и отпорност.
На отворањето се најавени обраќања на претставници на Собранието, Владата, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, академската заедница и Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија. Главниот говор ќе го одржи проф. д-р Јулијан Чифу од Центарот за превенција на конфликти и рано предупредување од Романија.
Првиот панел, „Геополитиката на Западен Балкан и идејата за европска безбедносна идентификација на регионот“, ќе го модерира Џабир Дерала од ЦИВИЛ Медиа. На панелот ќе учествуваат експерти и дипломати од Полска, Северна Македонија, Србија, Романија и Австрија.
Вториот панел ќе биде посветен на „Судирот на големите сили на европската периферија“, додека третиот ќе се фокусира на „Отпорност, поликризи и хибридни закани“.
Организатори на форумот се Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Универзитетот во Тетово. Скопскиот безбедносен форум 2026 се одржува во време кога безбедносната дебата во Европа е силно обликувана од руската агресија врз Украина, растечките хибридни закани и потребата Западен Балкан да се третира не само како регион во процес на интеграција, туку и како важен дел од европската стабилност, демократска отпорност и безбедност.
Во пресрет на одржувањето на Skopje Security Forum 2026, организаторите ја промовираа официјалната брошура на Форумот, со што дополнително ги доближуваат неговите цели, програмски содржини и визија до пошироката јавност.
Брошурата претставува информативен и промотивен документ што нуди сеопфатен преглед на концептот на Форумот, тематските панели, партнерствата и стратешките определби на оваа нова меѓународна платформа за дијалог и соработка во областа на безбедноста, како и биографија за учесниците и модераторите.
Цивил Медиа Деск












