• Latest

Амбасадорката Лариса Дир за ЦИВИЛ: Украина ја брани својата европска иднина и продолжува со реформите во услови на војна

June 19, 2026
Љубомир Костовски (фото: Б. Јордановска / ЦИВИЛ)

Македонија и ЕУ: процес прекинат и заменет со маратон кон Недојдија

June 19, 2026
Прослава, 36 години ВМРО-ДПМНЕ, Струмица, 17 јуни 2026 (фото извор: партиска веб страница)

Граѓански форум: Прославата на ВМРО-ДПМНЕ во коментарите се доживува како ароганција и раскош во време на сиромаштија

June 19, 2026
Москва гори, 18 јуни 2026

Москва гори: Како украинските дронови системски ја рушат руската нафтена империја (ВИДЕО)

June 18, 2026

Отидовте ли на одмор СДСМ?

June 18, 2026
Струмица, 17 јуни 2026 (фото извор: партиска веб страница на ВМРО-ДПМНЕ)

ВМРО-ДПМНЕ за пет минути „одговори“ колку чинела роденденската прослава

June 18, 2026

Идентитетот како алиби за блокада

June 18, 2026
Free European parliament image, public domain building CC0 photo.

Судир со реалноста во Стразбур: ЕП ги изгласа сите услови и остри критики за реформите во Скопје

June 18, 2026

„Женското е туѓа фамилија“

June 18, 2026
Фрагмент од профилната слика на Трамп на Truth Social

Newsweek: Расте бројот на Американци кои го гледаат Трамп како „опасен диктатор“

June 18, 2026

Кој ќе ја искористи фрустрацијата која ја манифестираат носителите на власта?

June 18, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home ФОРУМ ИНТЕРВЈУ

Амбасадорката Лариса Дир за ЦИВИЛ: Украина ја брани својата европска иднина и продолжува со реформите во услови на војна

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ

June 19, 2026 09:18
in ВОЈНА ВО УКРАИНА, ЕВРОПСКА УНИЈА, ИНТЕРВЈУ, ПОЛИТИКА, ТОП 5
Share on FacebookShare on Twitter

Разговараше: Џабир Дерала / ЦИВИЛ МЕДИА

Украина влезе во нова фаза во процесот на европска интеграција, додека продолжува да се брани од целосната руска агресија. Отворањето на првиот преговарачки кластер со Европската Унија означува историски чекор напред. Во исто време, Русија продолжува со интензивни ракетни напади и напади со беспилотни летала врз украинските градови, цивилното население, културното наследство и критичната инфраструктура.

Во овој контекст, ЦИВИЛ разговара со амбасадорката на Украина во Република Северна Македонија, Лариса Дир, за европскиот пат на Украина, реформите во услови на војна, руската агресија и потребата од цврст, практичен и долгорочен одговор од демократските држави.

ЏАБИР ДЕРАЛА / ЦИВИЛ МЕДИА: Украина го отвори првиот од шесте преговарачки кластери на патот кон членство во Европската Унија, во услови во кои земјата истовремено се брани од бруталната руска агресија во целосни размери. Што значи оваа одлука за Украина, но и за Европа во целина?

АМБ. ЛАРИСА ДИР: На 15 јуни во Луксембург, на конференцијата на Советот на ЕУ, беше отворен првиот од шесте преговарачки кластери на патот на Украина кон членство во Европската Унија. Ова навистина е историска одлука не само за Украина, туку и за цела Европа. Отворањето на првиот кластер од пристапните преговори на Украина и Молдова со ЕУ е јасен сигнал дека европскиот напредок не може да биде запрен.

Усвоената одлука претставува признание за напорите на Украина во спроведувањето на реформите и ја потврдува посветеноста на Европската Унија на принципот на проширување заснован на заслуги. Украина се движи кон членство во Европската Унија во услови какви што не поминала ниту една друга земја-кандидат: за време на целосна војна, под секојдневни ракетни напади и напади со беспилотни летала, бранејќи ги своите граѓани, државните институции и демократскиот избор. Тоа се титански напори.

ЦИВИЛ МЕДИА: Европскиот пат на Украина започна во драматични околности, кратко по почетокот на целосната руска инвазија. Кои се главните пресвртници на тој пат до оваа фаза?

АМБ. ЛАРИСА ДИР: Украина напорно работеше за да стигне до оваа фаза. Украина поднесе барање за членство во Европската Унија кон крајот на февруари 2022 година, само неколку дена по почетокот на целосната, неиспровоцирана и неоправдана агресија на Русија. Во јуни 2022 година, сите земји-членки на ЕУ ја поддржаа одлуката за доделување статус на земја-кандидат за членство во Европската Унија на Украина.

Во декември 2023 година, лидерите на Европската Унија се согласија да ги отворат пристапните преговори со Украина, кои официјално беа отворени на Првата меѓувладина конференција во јуни 2024 година.

Во 2025 година, нашата држава покажа значителни резултати на патот кон европската интеграција.

Украина го заврши скринингот во рекордно краток рок, ги изработи и ги спроведува патоказите за реформи и е подготвена за отворање на шесте преговарачки кластери. Дополнително, земјата ги доби најдобрите оценки во последните три години од Европската комисија во рамките на Пакетот за проширување за 2025 година.

ЦИВИЛ МЕДИА: И покрај војната, Украина продолжува со реформите што се клучни за европската интеграција. Во кои области е постигнат најзначаен напредок на патот кон ЕУ?

АМБ. ЛАРИСА ДИР: Украина постигна напредок во неколку важни области, меѓу кои се реформата на правосудниот систем, развојот на функционална пазарна економија, борбата против перењето пари, модернизацијата на државната управа и заштитата на правата на националните малцинства.

Зад секоја од овие области стојат конкретни резултати. Во сферата на владеењето на правото беше обновена работата на клучните тела за судско управување и продолжи реформата на судскиот систем во согласност со препораките на Европската Унија.

Во сферата на борбата против корупцијата, Украина обезбеди непречено функционирање на независните антикорупциски институции дури и во услови на воена состојба. Европската комисија го истакна натамошното зајакнување на антикорупцискиот систем и резултатите од работата на Националното антикорупциско биро на Украина, Специјализираното антикорупциско обвинителство и Вишиот антикорупциски суд во предметите поврзани со корупција на високо ниво.

Во областа на државната управа, Украина продолжува со спроведување на реформата на јавната администрација, дигитализацијата на јавните услуги и приближувањето на државната служба кон стандардите на Европската Унија.

Значајно достигнување претставува и исполнувањето на препораките во однос на заштитата на правата на националните малцинства и воведувањето соодветни измени во законодавството.

Особено важно е што овие резултати беа постигнати во услови на целосна војна. Европската комисија ја потврди подготвеноста на Украина за отворање на Кластер 1 „Фундаментални вредности“, а истовремено го истакна и напредокот во другите области од преговарачкиот процес.

ЦИВИЛ МЕДИА: Кластерот „Фундаментални вредности“ се смета за основа на целиот преговарачки процес. Зошто неговото отворање е толку важно за натамошното движење на Украина кон членство во ЕУ?

АМБ. ЛАРИСА ДИР: Кластерот „Фундаментални вредности“ е од клучно значење за целиот преговарачки процес, бидејќи ги опфаќа суштинските области што го претставуваат темелот на функционирањето на една демократска држава и се основа за напредокот на преговорите во другите области. Неговото отворање создава неопходни предуслови за натамошно динамично напредување на преговорите за членство на Украина во Европската Унија.

Токму затоа, за отворањето на овој кластер, Украина спроведе најобемна подготвителна работа.

Целта на Украина е целосно да го заврши усогласувањето на националното законодавство со правото на Европската Унија до 2027 година, земајќи ги предвид и можните преодни периоди.

Владата на Украина усвои и спроведува три стратешки патокази – во областа на владеењето на правото, реформата на државната управа и функционирањето на демократските институции, како и Акциски план за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на националните малцинства, односно заедници.

ЦИВИЛ МЕДИА: Украина подготви и сеопфатна програма за усогласување на законодавството со правото на ЕУ. Што опфаќа оваа програма и дали постои простор за размена на искуства со Северна Македонија?

АМБ. ЛАРИСА ДИР: Едно од најважните достигнувања беше подготовката на комплексна програма за усогласување на законодавството со правото на Европската Унија.

Кабинетот на министри на Украина ја одобри Националната програма за усогласување на законодавството на Украина со правото на Европската Унија, односно со acquis на ЕУ. Програмата претставува еден од клучните елементи на процесот на пристапување кон Европската Унија.

Документот содржи 1.875 задачи, кои предвидуваат имплементација на повеќе од 1.600 правни акти на Европската Унија. Сите мерки се обединети во документ од повеќе од илјада страници. Програмата утврдува кои правни акти на Европската Унија треба да бидат имплементирани, поставува јасни рокови за нивно спроведување и ги определува одговорните институции.

Практично, станува збор за најголемиот и најсеопфатен реформски план на Украина, кој ги опфаќа сите клучни области на државната политика и економијата.

Координацијата и следењето на спроведувањето на Програмата ќе ги врши Владината канцеларија за координација на европската и евроатлантската интеграција.

Би сакала исто така да напоменам дека во јануари 2025 година, меѓу вицепремиерката за европска и евроатлантска интеграција на Украина, министерка за правда на Украина и главна преговарачка за членството на Украина во ЕУ, и министерот за европски прашања и главен преговарач за членството на Република Северна Македонија во ЕУ, беше потпишан Меморандум за соработка во областа на европската интеграција.

Членот 3 од овој Меморандум предвидува формирање Заедничка работна група. Ние сме подготвени да обезбедиме функционирање на Заедничката работна група и со задоволство ќе соработуваме со македонската страна, имајќи предвид дека нашите две пријателски држави имаат заедничка цел – полноправно членство во Европската Унија.

ЦИВИЛ МЕДИА: Претседателот на Украина Володимир Зеленски повеќепати нагласи дека Украина е подготвена брзо да напредува во процесот на пристапување кон Европската Унија. По отворањето на првиот кластер, кои треба да бидат следните чекори?

АМБ. ЛАРИСА ДИР: Да, претседателот на Украина Володимир Зеленски нагласи дека отворањето на првиот кластер претставува сериозен чекор напред за Украина, но дека ние не застануваме тука. Нашата цел е во наредните недели и месеци да ги отвориме и останатите пет кластери и ќе продолжиме да работиме за тоа.

Следниот чекор треба да биде зачувување на постојната динамика, отворање на нови кластери и обезбедување процесот да остане заснован на заслуги, правичен и политички кредибилен.

Украина не бара кратенки. Нашата држава останува посветена на пристапот заснован на заслуги, според кој напредокот во преговорите треба да се оценува врз основа на резултатите од спроведените реформи.

Следната фаза ќе биде спроведувањето на утврдените задачи во рамките на Кластер 1 „Фундаментални вредности“ и подготовката за отворање на следните преговарачки кластери. Очекуваме отворање на сите останати преговарачки кластери без одлагање, бидејќи сите неопходни предуслови се исполнети, што беше потврдено и од Европската комисија.

Остануваме фокусирани на спроведувањето на реформите, особено во следните области: владеење на правото и независност на судскиот систем; борба против корупцијата и зајакнување на независните антикорупциски институции; функционирање на демократските институции и вклучување на граѓанското општество; реформа на државната управа; заштита на фундаменталните права и слободи на човекот; правда, слобода и безбедност; развој на пазарната економија и обезбедување макрофинансиска стабилност; транспарентност на јавните набавки; статистика и финансиска контрола.

Овие реформи се потребни пред сè за Украина и за нас – Украинците. Тие го зајакнуваат владеењето на правото, го подобруваат квалитетот на државното управување, ги намалуваат ризиците од корупција и недоверба, ја прават државата попредвидлива за граѓаните, посигурна за партнерите и поразбирлива за бизнис-заедницата, што е особено важно во процесот на обнова на земјата и привлекување инвестиции.

Нашата заедничка цел со Европската Унија е полноправно членство на Украина во Европската Унија.

ЦИВИЛ МЕДИА: Украина го води овој процес во околности без преседан – под постојани руски напади, со огромни човечки, инфраструктурни и економски последици. Како овие околности влијаат врз европскиот пат на Украина?

АМБ. ЛАРИСА ДИР: Украина продолжува да се движи по патот на европската интеграција и покажува напредок во спроведувањето на неопходните реформи. Истовремено, важно е овие достигнувања да се оценуваат имајќи ги предвид невидените околности во кои се наоѓа нашата држава. Тие околности се руската војна и 1.577 дена од целосната руска агресија врз Украина.

Украина ги спроведува реформите и го усогласува своето законодавство со стандардите на Европската Унија под постојани руски напади. Само во периодот од 8 до 14 јуни, Русија лансираше повеќе од 1.920 ударни беспилотни летала, речиси 1.790 наведувани авиобомби и 17 ракети од различни типови кон Украина. Зад овие страшни бројки стојат човечки животи, повредени лица, уништена инфраструктура и опожарена земја.

Војната носи сериозни предизвици. Од октомври 2025 година, Русија оштети повеќе од 9 GW производствени капацитети на термоелектрани, хидроелектрани и когенеративни електрани. Околу 22 проценти од територијата на Украина – повеќе од 133.000 км² – се потенцијално загадени со експлозивни средства.

Русија, исто така, систематски ја напаѓа украинската пристанишна инфраструктура и се обидува да го поткопа извозниот потенцијал на земјата. Заклучно со 1 јуни, беа оштетени или уништени 726 објекти на пристанишната инфраструктура и најмалку 158 цивилни пловни објекти. И покрај тоа, Украина останува сигурен снабдувач со земјоделски производи и важен фактор за прехранбената безбедност на Европа.

Украина не само што се брани од најголемата војна во Европа од Втората светска војна наваму, туку истовремено спроведува реформи, ја обновува државата и продолжува да ги исполнува критериумите за членство во Европската Унија.

ЦИВИЛ МЕДИА: Во исто време, Русија продолжува со масовни напади врз украинските градови, цивилното население, енергетската и критичната инфраструктура. Како треба демократските држави да одговорат на овие напади?

АМБ. ЛАРИСА ДИР: Одговорот мора да биде цврст, практичен и долгорочен. Прво, на Украина ѝ се потребни средства за да го заштити своето небо и своите граѓани. Второ, санкциите мора дополнително да се зајакнат и доследно да се спроведуваат, особено оние насочени кон рускиот воено-индустриски комплекс, приходите од енергенси, руската „сенка флота“ и синџирите за снабдување. Трето, одговорноста мора да остане во центарот на меѓународната политика. Воените злосторства не смеат да бидат нормализирани ниту заборавени.

Осудата е важна, но не е доволна. Русија разбира притисок. Тој притисок мора да биде политички, економски, воен, правен и дипломатски.

 


Овој текст е објавен под лиценца Creative Commons Attribution 4.0 International (CC BY 4.0), со задолжително наведување на изворот и линкот: ЦИВИЛ МЕДИА.


Во ера на дезинформации, националистички популизам и авторитаризам, неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ

Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот

Дајте го својот придонес СЕГА

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ