Од 1 октомври 2026 година, Црна Гора ќе го укине безвизниот режим за државјаните на Русија, како дел од процесот на усогласување на националната визна политика со законодавството на Европската Унија. Одлуката претставува значаен чекор во пристапните преговори на земјата и е дел од пошироката обврска за усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Покрај Русија, новите правила ќе важат и за државјаните на Белорусија, Турција, Кина, Катар, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, чии државјани досега имаа можност да патуваат во Црна Гора без виза.
За да се олесни транзицијата кон новиот режим, црногорските власти воспоставија соработка со VFS Global, компанија која ќе ги обработува барањата за визи во осум руски градови. Со ова се очекува да се избегнат поголеми административни застои и да се овозможи навремена обработка на барањата од туристите и деловните патници.
Безвизниот режим ќе остане во сила до 30 септември 2026 година, додека деталите за новиот систем – висината на визниот надоместок, роковите за обработка на барањата и условите за повеќекратни визи – треба дополнително да бидат објавени од надлежните институции.
ЦИВИЛ Медиа Деск












