Само еден ден откако Урсула фон дер Лајен од Скопје порача дека треба да се разговара со Софија, македонската дипломатија побара средба меѓу министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова. Средбата е планирана во Софија, на маргините на министерската конференција за Коридорот 8.
Од бугарското Министерство за надворешни работи за БТА потврдиле дека конференцијата за Коридорот 8, која утре (на 8 октомври) ќе се одржи во Софија, ќе овозможи билатерална средба меѓу двајцата министри, како дел од тековниот дијалог меѓу двете земји.
Меѓутоа, наместо дипломатски оптимизам, премиерот Христијан Мицкоски очекува „дијалог на коњопој“.
„Имајќи ја предвид мојата анализа, која вчера му ја кажав на министерот за надворешни работи, еве ќе бидам повторно дипломатски некоректен, а имајќи го предвид однесувањето на официјална Софија, не очекувам потврда, не очекувам ништо. Очекувам некој дијалог на „пул асајд“, ние така го викаме, „на коњопој“ и тоа е отприлика тоа“, изјави вчера Мицкоски, откако македонската страна соопшти дека испратила официјално барање за средба.
Но, од Софија стигна и политичка порака.
Бугарската потпретседателка Илијана Јотова, коментирајќи го барањето за средба, порача дека патот на Северна Македонија кон Европската Унија не оди преку ултиматуми и ветувања, туку дека е потребен искрен дијалог.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Скопје зборува за гаранции. Софија зборува за дијалог. Брисел бара разговор. А Мицкоски очекува „коњопој“.
Во суштина, средбата во Софија ќе биде кратка дипломатска средба на маргините на конференцијата за Коридорот 8. Но политичкиот контекст е многу поголем, евроинтеграцијата на Северна Македонија и условите поврзани со уставните измени остануваат главната точка на спорот.
Затоа прашањето не е само дали Муцунски и Петрова-Чамова ќе се сретнат. Прашањето е дали од тој „pull aside“, односно краток неформален разговор на маргините, може да произлезе нешто повеќе од дипломатско ракување.
Зашто, ако Брисел бара дијалог, Софија вели дека е подготвена за дијалог, а Скопје вели дека не очекува ништо, тогаш останува да видиме дали „коњопојот“ ќе биде само уште една епизода во долгата македонско-бугарска дипломатска сапуница или почеток на нешто поконкретно.
Д. Муратов
Фото: ВИ
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












