Албанија продолжува да се соочува со сериозна протестна криза, откако демонстрациите во Тирана прераснаа од граѓански и еколошки отпор во пошироко антивладино движење. Студенти, ученици, професори и граѓани бараат оставка од премиерот Еди Рама, посериозна борба против корупцијата и промени во управувањето со државата. И покрај повиците на владата за дијалог, протестното движење не отстапува од своите барања, а судирите со полицијата дополнително ја продлабочуваат политичката и општествената криза.
Според последните извештаи од 1 ноември, протестите продолжуваат во главниот град, додека опозицијата предводена од Сали Бериша бара заминување на владата и формирање преодна влада. Сепак, студентите настојуваат да го зачуваат независниот карактер на движењето и се спротивставуваат на обидите на традиционалните политички партии да ги преземат протестите.
Протестниот бран започна на 30 мај 2026 година, првично како реакција на планираниот туристички мегапроект поврзан со инвестициската компанија Affinity Partners на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Проектот предвидува изградба на луксузни туристички комплекси на островот Сазан и во крајбрежниот регион Вјоса-Нарта, подрачја со значајна природна и еколошка вредност. Граѓанските активисти и еколошките организации предупредија на можните последици врз природните живеалишта, недоволната транспарентност и привилегирањето на големите инвеститори.
Од првичниот отпор против инвестицискиот проект, незадоволството постепено се прошири кон прашањата за корупцијата, институционалната одговорност и начинот на управување со земјата. Движењето го доби името „Фламинго револуција“, според птиците што живеат во загрозеното крајбрежно подрачје.
Нов интензитет протестите добија во октомври, кога ученици и студенти почнаа да се собираат пред Министерството за образование во Тирана. Нивните барања ги надминаа првичните еколошки прашања и опфатија подобри услови во образованието, поголема финансиска поддршка за студентите, повеќе можности за вработување, подобар здравствен систем и перспективи за младите во земјата. Во протестите се приклучија и наставници, универзитетски професори и поддржувачи на опозицијата.
На 31 октомври, студентите повторно протестираа пред Министерството за образование, додека Демократската партија организираше посебен собир пред зградата на Владата, барајќи оставка од Рама и формирање преодна влада. Дел од опозициските демонстранти се обидоа да им се приклучат на студентите, но наидоа на отпор од дел од учесниците, кои инсистираат движењето да не биде ставено под партиска контрола.
Паралелно со протестите, дојде и до сериозни судири со полицијата. Демонстрантите фрлаа камења, предмети и молотови коктели, палеа контејнери и оштетуваа јавни и деловни објекти, додека полицијата интервенираше со солзавец и водени топови. Насилните инциденти предизвикаа повредени меѓу демонстрантите, полицајците, случајните минувачи и новинарите.
Министерот за внатрешни работи Ервин Демо на 30 октомври соопшти дека во протестите биле повредени вкупно 347 лица, меѓу кои околу 200 полициски службеници, 107 демонстранти и 39 случајни минувачи. Тој информираше и дека 269 малолетници биле приведени или полициски спроведени во врска со протестите. Владата најави казни до 500.000 леки, односно приближно 5.500 евра, за учество во насилни протести.
Премиерот Еди Рама повторно упати повик за дијалог со студентите, но протестното движење останува на барањето за негова оставка. Рама ги отфрла повиците за повлекување и тврди дека протестите ја загрозуваат европската перспектива на Албанија, а не неговата влада. Неговата понуда за разговори засега не доведе до договор со претставниците на студентите.
Политичката криза се прелеа и во парламентот. На 29 октомври, пратениците на Демократската партија ја прекинаа парламентарната седница со активирање сини димни факели и блокирање на собраниската говорница. Опозицијата ја обвини владата за недемократско управување и прекумерна употреба на полициска сила врз демонстрантите, додека Бериша продолжи да бара формирање преодна влада.
Сепак, студентското движење и опозицијата немаат целосно усогласена политичка стратегија. Иако ги обединува барањето за заминување на Рама, студентите настојуваат нивните протести да останат граѓански и независни од партиските структури. Тоа ја прави кризата уште посложена, бидејќи засега нема единствен претставнички механизам преку кој би можело да се преговара со владата.
Настаните се одвиваат во чувствителен период за Албанија, која е во процес на преговори за членство во Европската Унија. На 13 октомври се одржа десеттата меѓувладина конференција ЕУ–Албанија, во рамките на пристапниот процес. Затоа, справувањето со протестите, почитувањето на правото на мирно собирање, пропорционалноста на полициските интервенции и одговорноста на институциите се прашања од значење и за демократските стандарди што земјата треба да ги исполни на патот кон ЕУ.
Дополнителен предизвик претставува и ширењето непроверени информации за протестите. Анализа на Европската опсерваторија за дигитални медиуми (EDMO), објавена на 26 октомври, укажа на случаи на дезинформации и непотврдени тврдења за наводни смртни случаи, употреба на огнено оружје и платени демонстранти.
Б. Ј.
ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












