Товарен брод под сомалиско знаме потона во бугарската ексклузивна економска зона на Црното Море на 16 ноември, а сите 12 членови на екипажот беа спасени во меѓународна спасувачка операција. Според информациите на бугарското Министерство за транспорт и соопштенијата на меѓународните медиуми, станува збор за бродот „БЕТУЛ 8“ (BETUL 8), кој превезувал околу 3.000 тони пченица од романското пристаниште Тулча кон Египет.
Повикот за помош бил примен околу 9:15 часот по локално време. Екипажот пријавил дека бродот тоне на околу 40 наутички милји југоисточно од Кејп Калиакра, во бугарската ексклузивна економска зона.
По добиениот сигнал, бил активиран спасувачкиот систем, а кон местото на несреќата биле испратени четири пловни објекти од мултинационалната поморска група за противмински активности во Црното Море – два бугарски, еден романски и еден турски брод. Во операцијата учествувале и два хеликоптери „Кугар“ на бугарските воздухопловни сили, како и авион Су-25 за надзор и извидување на подрачјето.
Според објавените информации, сите 12 членови на екипажот биле евакуирани од спасувачките сплавови со хеликоптер и пренесени во поморската воздухопловна база „Чајка“ кај Варна. Осуммина од нив биле турски, а четворица азербејџански државјани. Бугарските власти соопштија дека нивната општа здравствена состојба е добра, иако биле изложени на студ. Според изјава на претставник на бугарската морнарица, еден член на екипажот имал полесна повреда на главата.
Причината за несреќата сè уште не е официјално утврдена. Членови на екипажот по спасувањето изјавиле пред новинарите дека бродот бил погоден од два морски дрона. Информацијата за можен напад ја пренесоа повеќе медиуми, а и извори од областа на поморската безбедност за Ројтерс посочиле дека бродот бил погоден од морски дрон.
Сепак, бугарските надлежни институции треба да ги утврдат околностите и причините за инцидентот. Не е официјално потврдено кој стои зад евентуалниот напад, ниту потеклото на дроновите.
По превртувањето на бродот, бугарските поморски сили испратиле пловен објект за проверка на подрачјето и земање примероци од морската вода, со цел да се утврди дали има загадување. Надлежните служби треба да проверат и дали во областа има остатоци од беспилотни пловила.
Инцидентот се случува во период на зголемени безбедносни ризици за комерцијалниот поморски сообраќај во западниот дел на Црното Море, особено во водите покрај Бугарија и Романија, каде што во последните месеци се регистрирани повеќе инциденти со беспилотни летала и напади врз трговски бродови.
Според поморската безбедносна компанија Diaplous, случајот со „БЕТУЛ 8“ е 17-тиот напад врз пловен објект во водите покрај Бугарија и Романија од средината на јули годинава.
ЦМ Деск












